Албанската верзија на vakcinacija.mk ги скара заменик министерот Хасани и директорот на Мој термин
Од Министерството за здравство велат дека е во тек изработка на веб страница и на албански јазик и истата ќе биде пуштена во употреба деновиве.
Сајтот vakcinacija.mk не прекинува да ја бранува јавноста. По вчерашните недоразбирања за двата домејна, vakcinacija.mk и vaksajns.mk, денеска за сајтот во кавга влегоа заменик министерот за здравство Илир Хасани и директорот на Управата за електронско здравство или во јавноста популарно Мој термин, Рефик Мустафа.
Хасани го обвини директорот дека страницата vakcinacija.mk намерно сѐ уште ја нема на албански јазик и како што вели од принципиелни причини нема да аплицира за вакцинација сѐ додека за јавноста не е достапна и албанската верзија на платформата за вакцинација. Мустафа, пак, негира дека намерно го кочи процесот и вели дека веб страницата на албански ќе биде објавена откако технички ќе биде подготвена.
Од Министерството за здравство велат дека е во тек изработка на веб страница и на албански јазик и истата ќе биде пуштена во употреба деновиве.
– Лично ги дадов сите документи до Мој термин за страницата vakcinacija.mk да биде и на албански јазик, како што пропишува законот. Во неколку наврати вчера разговарав со директорот на Мој термин, но тој не ги внесува податоците за сајтот да профункционира и на албански јазик. Од принципиелни причини нема да аплицирам на сајтот vakcinacija.mk, додека не излезе и на албански јазик. Доктор сум, а не информатичар за да го направам сајтот и на албански јазик. Им дадов сѐ што е потребно. Секој треба да си го заврши својот дел од работата – ни изјави заменик министерот Хасани.
Тој смета дека Мустафа ја блокира работата за сајтот да биде и на албански јазик. Тоа го негира директорот на Мој термин.
– Не е точно дека намерно ја кочам работата. Техничката служба треба да го подготви сајтот и кога ќе биде спремен ние веднаш ќе го активираме. Ова вчера му го кажав и на заменик министерот за здравство. Ние не сме во кавга. Зошто би блокирал сајтот да биде и на албански, кога тоа е законска обврска – вели Мустафа.
Кавгата помеѓу заменик министерот и директорот може да се протолкува како политичко надмудрување помеѓу дел од владините коалициски партнери. Заменик министерот Хасани на последните парламентарни избори беше носител на пратеничката листа на ДУИ за Втората изборна единица, додека директорот на Мој термин доаѓа од владеачката Турска демократска партија.