„АЛБАНЦИТЕ ПОВЕЌЕ НЕ СЕ ДЕКОР ВО ДРЖАВАТА“ Владиниот закон што ќе ја промени историјата е дело на Вреди
Коалицијата Вреди со историски чекор, нов закон за еднаква застапеност на Албанците во јавната администрација.
Коалицијата Вреди соопшти дека наредната недела на владина седница ќе биде донесен Законот за правична и соодветна застапеност на Албанците и другите заедници во јавната администрација, што според партијата претставува „историска правда“ и исполнување на суштинска точка од Охридскиот рамковен договор.
Од Вреди велат дека со оваа одлука ќе заврши ерата на институционална дискриминација која, според нив, траела три децении.
– Ова не е политичка реторика, туку историска корекција. Албанците не се повеќе декор во оваа држава, тие се нејзино јадро – порачаа од Вреди.
Партијата истакна дека законот се носи врз основа на Амандманот „VI“ од Уставот и оти ќе биде обврзувачки за сите институции, кои ќе мора да обезбедат фер застапеност со почитување на компетентноста, интегритетот, транспарентноста и инклузивноста.
– Она што ДУИ не го направи 22 години со сета власт на располагање, Вреди го прави во првите месеци од мандатот – велат од Коалицијата.
Од Вреди ја обвинија ДУИ дека „го продала Охридскиот договор за фотелји и позиции“, додека тие, како што велат, го враќаат достоинството и рамноправноста на Албанците во сите институции.
– Албанците отсекогаш заслужуваа да бидат во центарот на институциите, ние го спроведуваме тоа по закон – децидни се од Вреди.