„АЛБАНЦИТЕ НЕ СЕ ДУИ, А МИЦКОСКИ НЕ Е АЛБАНОФОБ“ Османи и ДУИ ниту сакаат, ниту почитуваат некого, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Бујар Османи го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека е албанофоб откако тој синоќа на партинскиот митинг порача дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по локалните избори ќе оди во политичка пензија.
Премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ниту мразат некого, ниту пак се албанофоби. Тоа можат единствено да бидат тие од ДУИ, кои по се изгледа не си го сакаат народот, реагира ВМРО-ДПМНЕ по денешните обвинувања од Османи дека Мицкоски е албанофоб.
„Доколку Османи и ДУИ си го сакаат народот, немаше да потпишуваат капитулантски договори со Бугарија и со Грција, немаше да гласаат за промена на името и Уставот, немаше да играат фудбалчиња по министерства, немаше млади момчиња да купуваат молови по центарот на градот. Доколку Османи и ДУИ си го сакаат народот, како што велат, немаше низ Арачиново, Боговиње, Долнени, Кичево, Липково, Пласница, Струга, Теарце, Сарај, жителите да газат низ кал, да нема водовод, канализација, основни човекови услови за живот. Сметаме дека Османи и ДУИ, пред да излезат да говорат беседи пред јавноста, треба прво самите да се погледнат во огледало“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека Османи и ДУИ во пресрет на дебакалот, како што велат, кој ќе им се случи на претстојните локални избори, за да добијат медиумско влијание, повторно креваат прашина во јавноста, со ширење етнонационализам и лаги помеѓу граѓаните.
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ) на денешната прес-конференција, промовирајќи го механизмот „Граѓанско око“, наменет за искоренување на корупцијата во општината, рече дека лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по природа е албанофоб и ги мрази Албанците.
Османи го кажа тоа одговарајќи на новинарско прашање за дел од синоќешниот говор на Мицкоски, кој на вчерашниот митинг ги критикуваше ДУИ и нејзиниот лидер, Али Ахмети, кому му порача дека по локалните избори ќе оди во политичка пензија.
– Не сум изненаден од вчерашната изјава на Мицкоски по однос на неговата мисија да ја исчезне ДУИ од политичката сцена. Мицкоски по природа е албанофоб, тој ги мрази Албанците. Во неговиот тим нема ниту еден Албанец. Кога патува надвор од државата, не зема Албанци. Го укинува „балансерот“ зашто сака да ги тргне од институциите. Го укинува албанскиот јазик, зашто му пречи, не сака да го види во документите. Тоа е посилно од него – рече Османи.
Според ДУИ, изјавата на Мицкоски за „политичко пензионирање“ на Ахмети, не е само лична желба, туку продолжение на неговата стратегија за слабеење, маргинализирање и контрола на Албанците.
– Само пред неколку дена, тој изјави дека целта на овие избори е елиминацијата на ДУИ од политичката сцена на земјата, и со тоа го потврди она за што предупредувавме со месеци: Мицкоски не бара само изборна победа, туку доминација врз Албанците и обид за контрола на нивното претставување – се наведува во реакцијата од ДУИ.