АЛАРМАНТНИ ПОДАТОЦИ ЗА НЕИЗДАВАЊЕ ФИСКАЛНИ СМЕТКИ Во 4.000 контроли даночните инспектори изрекоа 2.500 казни и затворија 113 објекти
УЈП во предновогодишниот период најави нови контроли во угостителски објекти – ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други субјекти кои работат со готовински плаќања.
Управата за јавни приходи (УЈП) ја информира јавноста дека во следниот период, а во пресрет на новогодишните празници, ќе се спроведуваат засилени и проширени контроли на евидентирањето на готовинскиот промет.
Како што соопштија од УЈП, фокусот ќе биде насочен кон сите угостителски објекти – ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други субјекти кои работат со готовински плаќања.
Од УЈП информираа дека пред отпочнување со подетални контроли и изрекување санкции, УЈП спроведе 3.500 советодавни посети на продавници и угостителски објекти.
„Во текот на посетите беа утврдени состојби како: фискални апарати кои немаат налепници од овластен сервисер, кај некои се појавуваат оштетени пломби, а кај одреден број обврзници беше детектирано дека адресата на која е регистриран фискалниот апарат не соодветствува со реалната локација на работењето. Утврдено беше и неуплаќање на дневниот промет во банка, како и неводење книга на дневни финансиски извештаи“, се наведува во соопштението.
Паралелно со советодавните посети, Управата за јавни приходи спроведе детални анализи врз основа на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ-пријавите. Анализите укажуваат на ризични состојби кај дел од обврзниците кои континуирано евидентираат низок или идентичен дневен промет, кај други има отстапки меѓу капацитетот на објектот и пријавениот промет, неусогласеност меѓу прометот евидентиран во фискалните каси и прометот пријавен во ДДВ пријавите и сл.
Покрај советодавните посети, до крајот на ноември годинава Управа за јавни приходи (УЈП) веќе спроведе околу 4.000 контроли за регистрирање на готвинскиот промет, што претставува зголемување за 2,5 пати во однос на истиот период минатата година.
Притоа се изречени над 2.500 глоби, а за 113 даночни обврзници изречени се мерки за забрана за вршење дејност, односно запечатување објект.
„Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет. Во поширок контекст, овој факт укажува и на користење на неевидентираниот промет за плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати во плик, практики кои се спротивни на законот и претставуваат облици на сивата економија, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат загуби за буџетот“, велат од УЈП.
Оттаму апелираат да се почитуваат законите.