АКТИВНИ САМО ТРИ ПОЖАРИ Се гасне пожарот кај браната Турија

Активни се и пожарите кај Раовиќ во сарај и во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во Општина Прилеп.

197

Состојбата со пожарите на отворен простор полека се става под контрола, а од Центарот за управување со кризи (ЦУК) порачуваат дека човечкиот фактор е најчеста причина за избувнувањето на пожарите низ земјава, било да станува збор за намерно или ненамерно потпалување. Во моментов активни се само три од вкупно 106-те поголеми шумски пожари од кои најлош беше оној во Малешевијата кај Берово, Пехчево и Делчево што е успешно изгаснат.

Од ЦУК за рано утринава најавија дека ќе преземат активности за локализирање на пожарот  над село Безгаштево помеѓу Берово и Струмица накај село Нивичани на браната Турија што се реактивираше вчера попладне на тешко пристапен терен. Токму тоа беше причината што вчера веднаш не се интервенираше, бидејќи, како што посочија од ЦУК, на екипите им требаат три часа за да стигнат до местото на пожарот.






Еден македонски и еден црногорски хеликоптер вчера попладне го гаснеа пожарот во Општина Сарај кај селата Раовиќ и Буковиќ иако веќе е локализиран во делот на селото Раовиќ. Во интервенцијата од воздух, на потегот село Буковиќ, село Чајлане кон Матка, беа ангажирани 26 луѓе од Воздухопловниот винг со еден македонски армиски хеликоптер и еден хеликоптер на Република Црна Гора.

Активен, но со слаб интензитет е и пожарот во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во Општина Прилеп. Пожарот е приземен на непристапен терен и гори лисната постилка и сува трева. Во високиот дел има чадење, но според ЦУК не постои опасност за проширување.

Веќе е ставен под контрола пожарот во атарот на демиркапиското село Барово  иако во внатрешноста на опожареното подрачје се уште постојат поедини места каде што се забележува чадење.

Поврзани содржини