АКО ВЕ КАСНЕ ЗМИЈА НЕ ЈА ШМУКАЈТЕ РАНАТА – БАРАЈТЕ БРЗА ПОМОШ! Една змија плашела полицајци во Арачиново, друга летала со авион

Експертите предупредуваат дека најлошо што можете да направите е да ја нападнете змијата, бидејќи таа ќе се брани ако се почувствува загрозено. Додаваат дека шансите да ве касне се минимални доколку не ја загрозите.

563

Ова лето, сè повеќе скопјани пријавуваат присуство на змии – во дворови, куќи, автомобили, па дури и во градинки и во институции. Иако нивната појава е вообичаена за овој период од годината, расте грижата кај граѓаните за потенцијалната опасност, особено кога змијата може да се најде во домот и да претставува ризик за семејството или за милениците.

Што треба да направат граѓаните доколку наидат на змија и како да постапат во случај на каснување?






Змии има во градинки, галерии, па и во полициски станици

– Честопати добивам повици. Речиси секој ден. Ме препорачуваат и во полиција, и во пожарна, и во Центарот за управување со кризи – вели за Плусинфо Војо Иванов, вработен во ЗОО Скопје, кој приватно, од пасија, помага при отстранување змии.

Тој раскажува дека змиите се наоѓаат на најнеочекувани места.

– Вадев змија од градинка, од галерија во Скопска чаршија, од полиција во Арачиново, дури баравме и во државен авион. Нема правило – вели тој.

„Државата нема слух за овој проблем“

Според Иванов, најголемиот проблем не се самите змии, туку паниката кај луѓето и нефункционалниот систем.

– Државата нема слух за овој проблем. Минатата година за првпат некој од надлежните ме повика на состанок – се сликавме, имаше објава, и толку. Нема официјална служба за справување со змии. Сѐ се сведува на приватни иницијативи – посочува Иванов.

Немојте да ги напаѓате змиите!

Иако луѓето веднаш очекуваат интервенција, Иванов предупредува дека „во половина од случаите, станува збор за лажна тревога – некои мислат дека виделе змија, но нема вистинска опасност.

– Не треба веднаш да се паничи. Не треба ни да ги убијат. Нека земат метла, нека ја насочат нежно. Таа повеќе се плаши од нив отколку обратно. Луѓето треба да се плашат од други луѓе, а не од животни – посочува Иванов.

Директорот на Клиниката за токсикологија, проф. д-р Андон Чибишев, исто така, тврди за Плусинфо дека граѓаните не треба да ги напаѓаат змиите.

– Моја препорака до граѓаните е, доколку забележат змија, да ја избегнат и да не се обидуваат да ја нападнат. Иако не сум експерт за таа тема, разговарав со биолози и со други експерти кои велат дека змиите најчесто се појавуваат во летниот период поради недостиг од храна. Можноста да бидете каснати е минимална, сè додека не ја загрозите. За жал, луѓето имаат страв и анимозитет кон влечугите, па првиот инстинкт честопати им е да ги нападнат со стап или со друг предмет. Таквото однесување само ја зголемува опасноста змијата да се почувствува загрозена и да нападне во самоодбрана – вели Чибишев.

„Оваа година нема случаи на труење“

Чибишев објаснува дека годинава во Скопје нема регистрирани случаи на каснување од змија, но дека Клиниката е подготвена да реагира доколку се појават такви случаи.

Тој апелира граѓаните никако да не ја шмукаат раната и да не се подврзуваат, бидејќи тоа може да биде опасно.

– Тоа се митови од поп културата. Ако ве касне змија, веднаш повикајте Брза помош или одете до болница – порачува д-р Чибишев.

Што да правите ако ве касне змија и како да ја намалите опасноста од каснување?

  • Останете смирени – не паничете.
  • Не ја шмукајте раната и не ја подврзувајте.
  • Телото држете го во мирување.
  • Повикајте Брза помош или одете во најблиска болница.
  • Обидете се да ја фотографирате змијата од безбедна дистанца – ќе им помогне на лекарите да проценат за која змија станува збор.

За да ја намалите опасноста од каснување, одржувајте ги тревниците околу куќата; затворајте отвори и дупки околу прозорците и вратите; кога шетате во природа носете затворени чевли.

Змии во Македонија, што треба да знаете?

На територијата на Македонија живеат 12 видови змии, од кои само 3 се отровни:

Отровни змии:

  • Поскок (Vipera ammodytes) – најпозната и најотровна; има триаголна глава и „рог“ на носот;
  • Ушеста шарка (Vipera ursinii);
  • Шарка (Vipera berus).

Овие змии се ретки во Скопје, но не се исклучени – особено на падините на Водно или во поруралните краишта. Најчесто во градот се појавуваат неотровни змии, како:

  • Смок (Dolichophis caspius) – долг, брз и сосема безопасен
  • Водна змија (Natrix natrix) – често се среќава кај реки и езера

Војо Иванов посочува дека текстуалното опишување на змиите може да ги збуни граѓаните бидејќи повеќе видови имаат слични обележја. Денес, како што вели, најдобро е змијата да се фотографира со паметен телефон и потоа да се провери за кој вид станува збор.

Поврзани содржини