Ако те иритира окото, друже Али, не мора веднаш да го ископаш – пробај прво да го почешаш!

Ќе беше чесно, а и политички одговорно, албанските политички првенци да дозволат дебатата за чувствителните прашања и за наметнатите уцени во спорот со Бугарија прво да ја завршиме ние, Македонците, меѓу себе. Не затоа што ова е наша држава, во која другите се потстанари. Не, тоа одамна не е така, да не се лажеме. Туку затоа што нашиот идентитет е засегнат. Не албанскиот. Нашата историја не се признава. Не албанската. За Самоил и за Гоце Делчев се преговара. Не за Скендербег. Иако и Скендербег бил Бугарин, велат софиските политичари. Нашата глава е на трупецот, а не главата на Ахмети. Секој ден жестоко се опирам на впечатокот дека ние Македонците сме предадени од Албанците. Одбивам да размислувам на таков начин. Но, да бидам искрен, ми треба помош од пријател да ме убеди дека тоа не е така. Помош и гест од Али Ахмети.

7,457

Перцепциjaта не мора секогаш да се поклопува со стварноста. Но, кога таа битно се разидува со фактите, се заканува опасноста луѓето да се соочат со многу сериозни проблеми. А уште поголеми да им наметнат и на другите околу себе.

Така е во животот, а бездруго е така и во политиката. Многу конфликти и војни во историјата се последица на погрешни впечатоци, доживувања, иритации, стереотипи, стигми, илузии. Затоа, секој политичар мора многу сериозно да внимава на својата ментална слика на стварноста. Мора да биде длабоко свесен за опасностите од фатални неразбирања и недоразбирања.






Мислам дека Али Ахмети – „иритиран“, како што вели, од тоа што го слушал од сограѓаните Македонци и од „говорот на омраза“ кога зборуваат за Албанците, за опасноста тие да ја преземат државата и за тоа дека Македонија станува Албанија – е жртва на погрешна перцепција.

Другото рационално објаснување е дека се дружи со погрешни Македонци и слуша разни глупости, а потоа прави недозволени генерализации.

Трето нема.

Го запознав Али Ахмети одамна. Во неколку прилики разговаравме долго. Да бидам сосема искрен, стекнав впечаток дека станува збор за пријатен, пристоен и добронамерен човек. Во име на тој мој впечаток за него – кој, се надевам, нема да се покаже погрешен – би сакал да му укажам каде греши и зошто греши.

А сега греши многу. Ептен многу…

Али Ахмети знае дека Македонија е земја во која се живее тешко. Не е паднат од Марс, тоа мора да го гледа. Овде секогаш се живеело тешко. И во 1990-тите години, на пример. Но, се сеќавам, а и јавно сведочев за тоа (како новинар и во она време и како невладин активист) – на Албанците им беше многу потешко отколку на Македонците. Беа дискриминирани. Македонија не ја чувствуваа како своја држава. Војуваа во 2001 година, под команда на Ахмети. Никогаш не сум ја оправдал таа валкана војна, но секогаш сум го разбирал гневот на Албанците. Не е лесно да си граѓанин од втор ред во државата во која живееш, а некој да те тера да ја чувствуваш како своја.

Е денес веќе не е така. И тоа го знае Али Ахмети.

Впрочем, тој и Артан Груби секој ден се фалат со достигнувањата на ДУИ, партија која речиси две децении е на власт. Велат, четири од десет нови вработувања во јавната администрација сега се „резервирани“ за Албанците. Голем дел од капиталните инвестиции и од вкупните буџетски трансфери се насочени во регионите со доминантно албанско население. Половина од владините министри и функционери се Албанци. Груби е прв вицепремиер, или, подобро речено, втор премиер. Бујар Османи е шеф на дипломатијата…

Ова се неспорни факти. Има и многу други такви. Да повторам, за сево ова зборуваат Ахмети, Груби и Османи, на трибините на кои водат битка со фракцијата во својата партија. А Алфа малфа, Телма мелма и другите медиуми за тоа опсежно известуваат. И со право се фалат челниците на ДУИ. Статусот на Албанците во Македонија е драстично подобрен во последните две децении, ама баш во секоја смисла – со словото на Уставот и на законите, институционално и во реалниот живот.

Голем дел од тие достигнувања се заслуга на Али Ахмети. Малку заслуга и на некои Македонци. А ич не е заслуга на Бугарија.

Но, во меѓувреме, припадниците на една друга голема етничка заедница во Македонија, поголема од албанската, стануваат граѓани од втор ред. Тоа сме ние, Македонците. Веројатно и во оваа теза има предрасуда и претерување, но факт е дека Македонците денес се дискриминирани во сопствената држава – со словото на Уставот и на законите, институционално и во реалниот живот. Би можел со часови да докажувам дека таа перцепција, за жал, во голема мера одговара на стварноста.

Се разбира, има луѓе кои се убедени дека тоа не е така. Тие живеат во зоната на комфорот и убаво им е. Затоа мислат дека ние Македонците пак треба да жртвуваме дел од нашиот идентитет и од нашата национална гордост, за нив да им биде уште поубаво и покомфорно. Треба само да признаеме дека сме нација од 1945 година наваму, тоа е суштината на сите софиски уцени. Тоа е цената за нашето идно членство во Европската унија, таму некаде после десет години или кој знае кога. Има луѓе кои мислат дека таа цена треба да се плати ко четврт бурек и дека Македонците тоа нема многу да ги боли. Дека нашиот код е „наведната глава сабја не сече“. Нѐ убедуваат дека идентитетот и националната гордост не се нешто што се мачка на леб. А според тие луѓе, сепак е најважно лепчето да ни е намачкано. Макар и со лајна, да простите.

Малку се таквите Македонци, ама ги има. Сепак, Али Ахмети мора да разбере дека огромното мнозинство Македонци не мисли така. Овој народ сепак има малку повеќе самопочит отколку што претпоставуваат недоветните. И мислам дека тоа ќе се види на следните избори. Кога и да бидат тие. И тогаш многумина ќе бидат „изненаѓени и увреѓени“.

Али Ахмети треба да се убеди дека огромното мнозинство Македонци не ги есапат него, Груби, Османи и другите Албанци виновни за својата мизерна судбина. Иако има луѓе на кои за сѐ им се виновни само Албанците (а слободно го изразуваат своето мислење и во медиумите), сепак не можел Ахмети да ја препознае таа стигма во уредувачките политики на македонските медиуми. Ни на Алфа малфа, ни на Телма мелма, ниту во другите.

Македонците не се плашат дека Македонија станува Албанија, но страхуваат дека сѐ помалку е Македонија. Сѐ помалку е своја. Кога Али Ахмети вели дека Македонија нема да ја биде без Албанци, тоа не е говор на омраза. Но, не е говор на омраза и кога ние велиме дека Македонија нема да ја биде без Македонци, или со обезличени и шкопени Македонци.

Конечно, Ахмети, Груби и Османи треба да се соочат и со фактот дека со своите политики и изјави – без оглед на веројатно добрите намери – го продлабочуваат јазот на недовербата меѓу Македонците и Албанците. Ќе објаснам зошто го велам ова, иако можеби она што ќе го прочита сега мојот пријател Али пак нема да му се допадне и ќе го иритира.

Ќе беше чесно, а и политички одговорно, албанските политички првенци да дозволат дебатата за чувствителните прашања и за наметнатите уцени во спорот со Бугарија прво да ја завршиме ние, Македонците, меѓу себе. Не затоа што ова е наша држава, во која другите се потстанари. Не, тоа одамна не е така, да не се лажеме. Туку затоа што нашиот идентитет е засегнат. Не албанскиот. Нашата историја не се признава. Не албанската. За Самоил и за Гоце Делчев се преговара. Не за Скендербег. Иако и Скендербег бил Бугарин, велат софиските политичари. Нашата глава е на трупецот, а не главата на Али Ахмети.

Точно е, постои перцепција дека ние Македонците сме монета за поткусурување и дека сега сме предадени од Албанците. Нека ми верува Ахмети, секој ден жестоко се опирам на тој впечаток, свесен дека тој ми ја намалува моќта за рационално расудување и ми го стеснува видното поле, па некако сѐ потешко ја гледам „големата слика“ и сѐ повеќе верувам дека таа е една голема манипулација и илузија.

Признавам, ми треба помош и гест од искрен пријател. Од оној Али Ахмети, којшто еднаш, во Мала Речица, ако не се лажам, лично ми вети дека Албанците нема да ги „продаваат“ Македонците кога ќе дојде на дневен ред „онаа работа“ со Бугарите. А да не грешам душа, можеби такво нешто никогаш не ми било речено во нашите пријателски разговори, можеби нешто погрешно сум разбрал или ми се присторило, како во онаа српската – шта је баби мило, тој јој се и снило.

Можеби…

Нејсе, уште еднаш сакам на Али Ахмети да му кажам дека греши што им се лути на македонските медиуми. Настрана што кога политичар им се лути на медиумите, важи правилото – се лутел или не, нека му стои.

Разбирам човек понекогаш да се иритира. Но, не разбирам кога те иритира окото, да фатиш веднаш да го ископаш. Пробај прво да го почешаш.

ПС. За изјавата на премиерот Димитар Ковачевски за медиумите, немам посебен коментар. На почетокот човекот стартуваше со имиџот на „пословен“ политичар којшто брка работа и не се арчи на празни муабети. Сега гледам дека влегува во некое друго филмче. Остав, друже Таче, врати се во почетната положба!

Поврзани содржини