Ако судиме, нека биде по пропис – ако линчуваме, барем крстот да го запалиме!

Кога јас би бил обвинител во случајот „Таргет-Тврдина“, Гордана Јанкуловска би ја обвинил за кривичното дело „Несовесно работење во службата“. Тоа е сосема друго дело, друг опис, друга запретена казна. И секако, не би се глупирал и не би докажувал штета што не постои. А со оглед на нејзините семејни прилики, кои се неспорна олеснителна околност, како обвинител, доблесно би побарал поблага, а не најстрога казна. Па луѓе сме, мајку му стара! Или сепак не сме?

4,774

Американската амбасадорка во Македонија, Кејт Мери Брнз, несомнено е во право кога вели дека предметите од поранешното Специјално јавно обвинителство треба да завршат што е можно поскоро. Сигурен сум дека нашите американски пријатели сакаат да заврши неславната сторија со СЈО, во која и самите беа инволвирани, секако со добри намери и не знаејќи дека институцијата што требаше да биде лидер на реформите во македонското правосудство ќе стане легло на корупција.

Како и да е, изјавата на амбасадорката Брнз треба да се чита прецизно, а не екстензивно – имено, кога вели дека предметите поврзани со масовното прислушување треба да завршат „поскоро“, таа не сугерира тоа да се стори на врат на нос и бездруго не во спорни постапки со многу процесни повреди, или со пресуди во кои вината не е утврдена без да бидат отстранети сите сомнежи.






Во моментов, апелационите судии решаваат за еден таков предмет. За најважниот, всушност. Станува збор за „Таргет-Тврдина“, предмет во кој се докажува наводната вина на 11 неправосилно осудени лица за масовното прислушување и за прикривање на трагите на таа операција со уништување на опремата. Јавната расправа во Апелациониот суд заврши и сега сè е во рацете на судиите, кои треба мериторно да одлучат, или, евентуално, предметот да го вратат на повторно судење.

Баравме револуционерна правда, добивме линч

Пред да кажам било што за овој предмет, за кој имам пишувано повеќе пати, пред сè со цел одбраната на дел од обвинетите да добие рамноправен медиумски третман (во ситуација кога доминантниот наратив го креира Обвинителството), би сакал да расчистиме неколку основни работи. За да се разбереме подобро, почитувани читатели.

Во време на откривањето на аферата за масовното прислушување и на објавувањето на т.н. бомби во кампањата на опозицискиот СДСМ насловена како „Вистината за Македонија“, ги водев и порталот Плусинфо и весникот „Слободен печат“. Кампањата доби најголема можна гласност. Насловните страници на „Слободен печат“ тогаш беа без фотографии, исполнети само со шокантните флеш реченици од прислушуваните разговори. Сум напишал многу коментари со остра осуда на тогашниот режим за оваа афера и со повици за морална, политичка и кривична одговорност. Во еден од објавените прислушувани разговори и јас сум спомнат. Од висок функционер на СДСМ тогаш ми беше понудено на мемориски стик да ми ги дадат сите прислушувани разговори во кои ме има и мене. И ден денес не можам да поверувам дека човекот ми рече дека имало 2.400 такви фајлови.

Според тоа, немам никакви дилеми дека кривична одговорност за масовното нелегално прислушување мора да има. И тоа може да се стори на два начина. Првиот начин е виновниците да се откријат и нивната вина да се докаже во легална постапка, која подразбира квалитетна истрага, обезбедување квалитетни докази (не само индиции и претпоставки), уверливо и гранитно цврсто обвинение, постапка без процесни повреди и без слабости и пресуда во која вистината ќе се утврди без било какви основани сомнежи и сходно на тоа ќе се определат умерени, а не драконски казни. Вториот начин е да се тргне во медиумска хајка и прејудицирање на вината на осомничените, постапката да се води со фаворизирање на обвинението и со процеси повреди на штета на одбраната, а сè со цел осомничените да се осудат по секоја цена, за да се оправда раширената претпоставка дека тие се единствените и неспорни виновници, бидејќи нели „нема кој друг да биде“, за потоа да се фрлат во зандани на долгогодишна робија.

Трет начин да се истера правдата, или одмаздата, јас не гледам.

Жал ми е што морам да констатирам дека органите на прогонот, Обвинителството, првостепениот суд, голем дел од медиумите и голем дел од македонската јавност се определија за вториот начин. За револуционерна правда. За одмазда. Затоа што така веројатно е полесно. Затоа што така се задоволи страста на одмаздниците. И само така можеше да се оствари ветувањето дека процесот ќе заврши експресно, виновниците ќе бидат најстрого казнети и ќе дојдеме до „има правда, има мир“. И да бидеме искрени, голем дел од јавноста бараше линч. Дел од пропагандата на Заев сè уште бара линч, бесење, убивање, бара цензура, а отворениот и неказнет говор на омраза на некои безумници отворено се брани со небулозни аргументи од „филозофска“ природа.

Со Гордана Јанкуловска се знаеме „од телевизија“

На сите кои бараат таква, револуционерна правда, сакам отворено да им кажам дека приклонувањето кон аргументот на силата наместо кон на силата на аргументите ќе ги легитимира јакобинските методи на сите наши претходни, но и на сите идни режими. Не попусто е кажано, тој што за меч ќе се фати, од меч ќе загине.

И затоа, без оглед што во аферата со масовното прислушување на секој начин бев на страната на жртвите, а и самиот жртва, јавно се залагам овој случај да се расплете со одговорно почитување на принципот на владеење на правото и со примена на највисоките стандарди на европското правосудство. А тоа подразбира максимално почитување на презумпцијата на невиноста и на правото на одбрана, нула процесни повреди, нула пристрасност на сите актери во кривичната постапка, од почетокот до самиот крај.

Но, мојата желба е едно, а реалноста е нешто сосема друго. Ќе го докажам ова со примерот на првостепено осудената Гордана Јанкуловска. Имам пишувано и за контроверзите и слабостите на постапката во врска со првостепено осудениот Сашо Мијалков, но за него можеби ќе се осврнам повторно во текот на наредните денови.

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска не ми е дури ни познаничка. Одвај да ја имам сретнато во годините кога беше најблиската соработничка на поранешниот премиер Никола Груевски, на човекот за кого напишав дека е најлошото нешто што ѝ се случило на Македонија од 1945 година наваму. Со Јанкуловска, значи, се знаеме „од телевизија“. И од таа една објавена т.н. бомба, во која сум спомнат, не баш во пријатен контекст. Но, не сакам да бидам ничиј, па ни нејзин крвник. Не сакам да ги затворам очите пред некои ноторни факти, кои упатуваат на помислата дека оваа жена сепак е првостепено осудена неправедно и со битни процесни повреди во постапката.

„Вештак“ без лиценца направил субјективна процена на штетата

Како што знаете, нејзиниот „грев“ е нејзиниот потпис на решение за формирање пописна комисија која извршила расходување односно уништување на опремата за прислушување. Секој од нас може самиот да одлучи дали ќе ѝ поверува на збор на Јанкуловска дека ставила потпис на тој документ без да биде детално известена и свесна што се подготвува. Но, работа на обвинителите и на првостепениот суд била да не верува никому (ни на истражителите, ни на Јанкуловска), туку уверливо и со неспорни докази да го утврдат нејзиниот мотив да учествува во криењето на трагите за масовното прислушување и да ја утврдат материјалната штета предизвикана со уништувањето на опремата, но на законски начин.

Го следев процесот, ги прочитав аргументите и на обвинителството и на одбраната и тврдам дека ништо од сето тоа не е сторено како што треба!

Пред сè, како што тврди одбраната, не е почитуван принципот на „еднаквост на оружјето“, многу битен за да се обезбеди правично судење.

Што значи ова? Согласно прецедентното право на Европскиот суд за човекови права, овој принцип наложува на секоја страна во постапката да ѝ се овозможи разумна можност да го презентира својот предмет под исти околности, кои нема да го постават во суштинска подреденост во однос на противникот. Во конкретниот случај, на обвинетата не ѝ е овозможено под исти околности како и обвинителството да утврди колкава е вредноста на уништената опрема. Тоа е суштински за да се одговори на прашањето дали воопшто постои штета предизвикана од уништувањето на опремата и колкава е таа штета. А штетата, пак, претставува еден од конститутивните елементи на кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ (член 353 од Кривичниот законик).

Бранителот на Јанкуловска објаснува каде е сторена повредата. Обвинетата се раководела од член 236 од Законот за кривична постапка. Во ЗКП, како доказно средство, е пропишано вештачењето, но не и процената. Поточно, процената воопшто не е предвидена како институт во ЗКП. Кога се користи економско-сметководствено вештачење, може да се утврди единствено сметководствената вредност на опремата, која во конкретниот случај неспорно била 1 денар.

И што сторил првостепениот суд? Наместо да обезбеди прописно вештачење и да ја утврди вредноста на опремата во моментот на нејзиното уништување, тој утврдил дека ако во тој момент би била купена иста таква нова опрема, би биле потребни 1,5 милиони евра, та оттаму и штетата е толкава. Ваквата „генијална математика“ ја извело лице кое не поседува лиценца за проценител на ИТ опрема, туку лиценца за машини и опрема, што е различно. Тоа е исто како на сервисер на лифтови да му дадете да ви го поправа компјутерот, докажува бранителот на Јанкуловска. И така, проценителот тргнал од претпоставката дека опремата можела да се користи уште цели 5 години после моментот на уништување, но барем признал дека тоа е негова субјективна процена која не се темели на објективни параметри. И тоа првостепениот суд го есапи за доказ! Во ситуација кога е неспорно дека системот за следење на комуникациите во моментот на уништувањето не бил функционален и не бил во можност да следи интернет сообраќај преку кој се одвивала мобилната и фиксната телефонија.

Од каде тогаш е утврдена штета од 1,5 милиони евра? Од ракав, јасно. Со процена на вештак без лиценца. Не е ли тоа фатална повреда на правото на одбрана?

Некој си умислил дека докажал умисла

Првостепениот суд утврдил, или подобро речено мисли дека утврдил, дека Гордана Јанкуловска со умисла помогнала да се уништи опремата за прислушување и на тој начин го сторила кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Секој студент што положил Кривично право би требало да знае дека зборот умисла е голема работа. На пример, едно е убиство со умисла, друго е убиство од небрежност. Умислата мора сериозно и уверливо да се докаже, што ќе рече да се етаблира мотивот на сторителот на делото.

Судот констатирал дека обвинетата, уште пред да го потпише решението за формирање на комисијата за попис, „била во комуникација со обвинетиот Горан Грујевски“ и дека „решението било изготвено токму согласно нејзините насоки, и тоа онака како што било побарано од обвинетиот Горан Грујевски, што значи дека истата знаела што точно потпишува и со која цел“. Но, ваквата констатација е целосно во спротивност со исказот на сведокот Весна Доревска (помошник министер во МВР, раководител на Секторот за правни работи), која сведочеше дека вработениот во МВР којшто ја напишал забелешката „решението е изготвено согласно насоките од министерот за внатрешни работи“, објаснил дека забелешката е ставена врз основа на укажувањето на Горан Грујевски. Доревска посведочи дека ниту таа ниту кој било друг вработен од Секторот за правни работи не добил никакво укажување од обвинетата Јанкуловска. Ниту еден од повиканите сведоци не потврди дека обвинетата Јанкулоска била во комуникација со Грујевски непосредно пред изготвувањето на спорното решение или непосредно по уништувањето на опремата. Ниту еден сведок не потврди дека Јанкуловска знаела дека ќе се уништува опремата и дека било кому давала насоки за уништувањето. Самиот суд констатирал дека Горан Грујевски лично и преку посредници во неколку наврати се обраќал до Секторот за правни работи (којшто го изработил спорното решение), со барања и укажувања да се изработи тоа решението и да се достави на потпис кај министерот. При коментирањето на изведените докази поврзани со дејствијата кои претходеле на носењето на решението, како и со дејствијата поврзани со уништување на опремата, самиот суд ниту еднаш воопшто не споменува инволвираност на обвинетата Јанкуловска.

Тоа се фактите утврдени во доказната постапка. Каде е тогаш умислата?

Замислете, „аргументот“ на првостепениот суд во прилог на тврдењето дека постоела умисла е наводното отсуство на сомнеж кај Јанкуловска зошто токму во месец март 2015 година УБК барало да се направи попис, отсуството на перцепција за општествено-политичкиот амбиент во државата и во занемарување на законитоста на постапката при носењето на решението за формирање на комисијата.

Каква конфузија! Отсуство на сомнеж. Отсуство на перцепција за општествено-политичкиот амбиент. Па тоа ли се докази со кои се етаблира мотив?

После 13 детонирања, Јанкуловска не знаела дека е главна ѕвезда во т.н. бомби?!

Врв на обидот да се поткрепи апсурдната теза е тврдењето на првостепениот суд дека во моментот кога Гордана Јанкуловска го донела решението за формирање на комисијата (23.03.2015 година), таа не била запознаена со околноста дека и самата била прислушувана. Каква кардинална неточност! Во кампањата „Вистината за Македонија“, Јанкуловска е едно од најприслушуваните лица. До критичниот датум, 23.03.2015 година, кога таа го потпишала спорното решение, СДСМ одржал 13 прес-конференции, на кои објавил десетици телефонски разговори од обвинетата.

Каде се тогаш уверливите докази за мотивот таа да го стори кривичното дело „злоупотреба на службена должност и овластување“ според членот 353 од Кривичниот законик? Каде се доказите за „умислата“? Патем речено, ова кривично дело е спорно само по себе, но за тоа ќе се осврнам во некоја друга прилика, многу скоро, при што ќе се повикам на експертско мислење на професорот по Казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, д-р Никола Тупанчевски, сега актуелен министер за правда.

Кога ги читате овие аргументи, кои ми се предочени од одбраната на Јанкуловска, а се изложени и во текот на судските рочишта (за жал, немало кој темелно да извести, бидејќи доминира наративот на обвинителството), веројатно се прашувате дали јас со ова тврдам дека поранешната министерка не сноси вина за аферата со масовното прислушување. Во принцип, секогаш избегнувам да го кажам моето субјективно мислење за олку деликатни нешта, бидејќи јас сепак сум само новинар кој се труди да ги слушне и двете страни и не сум ни истражител, ни обвинител, а најмалку судија. Но еве, за да не излезе дека бегам од суштината, во оваа прилика ќе го скршам сопствениот принцип и јавно ќе го кажам своето мислење.

Кога јас би бил обвинител во овој случај, Гордана Јанкуловска би ја обвинил за кривичното дело „Несовесно работење во службата“. Тоа е сосема друго дело, друг опис, друга запретена казна. И секако, би се потрудил вредноста на уништената опрема да ја докажам со валидно вештачење на лиценциран сведок, без оглед што е совршено јасно дека тој би утврдил дека опремата во моментот на уништувањето немала вредност вредна за спомнување. Во секој случај не би се глупирал и не би го убедувал судот дека овој канта „мерцедес“ купен пред години вреди толку пари колку што се потребни да се купи ганц нов.

Дали судот би го прифатил моето обвинение? Не сум сигурен, би се потрудил многу, но секако не би се срамел да докажувам „умисла“ на обвинетата и да тврдам дека таа седела на уши додека СДСМ на 13 прес-конференции објавувал т.н. бомби, во кои таа била главна ѕвезда. И да не заборавам, со оглед на нејзините семејни прилики, кои се неспорна олеснителна околност, како обвинител доблесно би побарал поблага, а не најстрога казна. Па луѓе сме, мајку му стара! Или сепак не сме?

Ако не сме, дајте барем чесно нека им се каже на осудените, на бранителите, на сите засегнати, што навистина се случува. Ако веќе ги линчуваме, ред е и крстот да го запалиме и белите качулки на глава да ги ставиме. Па да нè заличи …

 

Поврзани содржини