Ако продолжи епидемијата, ќе продолжи и вонредната состојба
Апелирам сите доброволно и совесно да ги почитуваме мерките и препораките на Министерството за здравство и на Владата за да нема потреба од воведување построги мерки и ограничувања, рече Дескоска.
Ако ситуацијата со заразата со коронаворусот се смири, вонредната состојба може да биде прекината по 30 дена, но ако продолжи епидемијата, тогаш вонредната состојба може да се продолжи. Воведувањето на вонредната состојба само ѝ дава можност на Владата да носи уредби со законска сила.
Ова го рекоа денеска на прес конференција во Владата техничкиот премиер Оливер Спасовски и министерката за правда Рената Дескоска.
– Вонредната состојба не значи полициски час, забрана на движење, затворање продавници. Важат мерките кои досега се донесени од владата, исто е како и пред воведувањето на вонредната сосотојба само што сега владата доби поголеми надлежности за справувањето со оваа криза. Никој веќе нема дилеми дека настапија околности од членот 125 од Уставот за прогласување на вонредна состојба. Постои и уставна можност за ограничување на граѓаните за време на вонредна состојба ако има таква потреба. Ниедно ограничување не смее да биде дискриминаторско. Нашата заложба како влада е ограничувањето да биде минимално. Апелирам сите доброволно и совесно да ги почитуваме мерките и препораките на Министерството за здравство и на Владата за да нема потреба од воведување построги мерки и ограничувања – објасни Дескоска.
Премиерот Спасовски рече дека вонредната состојба нама да го замре животот во државата.
– Ќе ја совладаме вонредната состојба на најдобар можен начин. Затоа е потребно да се однесуваме одговорно. Не значи дека ќе замре животот во државата. Правата и слободите на граѓаните не се ограничени по автоматизам. Не значи застој во транспрот снабдување со храна и со лекови. Сѐ продолжува да функционира исто како и вчера, нема одлуки за нови рестрикции во движењето и извршувањето на професионалните обврски на граѓаните, исклучок е Дебар и Центар Жупа – рече Спасовски.
Тој потсети дека останува забраната за сите јавни собири и дека секое непочитување на мерките ќе биде најстрого санкцинирано.
– Им порачувам на нашите родители, баби и дедовци, останете дома. Препораката е сериозна и затоа треба да седите дома. Ако имате потреба обратете се до својата општина или до Црвениот крст. Лицата кои ќе почувствуваат и најмали симптоми веднаш да се јават на телефонските линии за оваа намена – рече премиерот Оливер Спасовски.
Спасовски и Дескоска им посакаа на заболените побрзо закрепнување.