АКО ПЛАНИРА ПРЕМИЕРОТ ПАК ДА ЧИТА ОД ЛИВЧЕ, ТОГАШ ИЧ ДА НЕ СВИКУВАМЕ ЛИДЕРСКА Мицкоски сака влада со широко македонско национално единство

Јас сум за влада во која ќе имаме едно широко македонско национално единство бидејќи сега сме со влада во која има сè, само нема македонско единство, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

2,007

Моето искуство за лидерските средби со Димитар Ковачевски се темели на два настана, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата „360 Степени“ на телевизија Алсат М, коментирајќи ја најавената лидерска средба за која сѐ уште нема официјална покана

Тој посочи дека и на двете лидерски средби, премиерот Димитар Ковачевски пред себе имал ливче од кое читал и откако го прочитал, средбите завршиле без некаква суштина и заклучок.






– Првиот настан е откако го прифати последниот предлог во јавноста познат како Француски предлог во Клубот на пратеници, дојде со ливче од коешто читаше. Му ги кажав забелешките и тој тогаш даде одговор од тоа јас што му кажав и заврши лидерската средба, си дадовме секој своја изјава, добивме прашање од новинарите и си заминавме. Потоа организираше тој условно кажано една лидерска средба во поширок формат во рамките на Парламентот. Дојде на таа лидерска средба придружуван од Али Ахмети и Талат Џафери. Присуството на Талат Џафери беше во улога на домаќин бидејќи се случуваше во македонското Собрание. Повторно имаше пред себе неколку листа хартија, исчита што му беше напишано, секој од присутните си кажа свое мислење и потоа излеговме сите надвор, дадовме изјава и повторно ништо не се случи – истакна Мицкоски.

Тој порача а дека доколку Ковачевски очекува да има нова лидерска средба којашто ќе помине како двете претходни, без суштина и заклучок, тогаш, како што вели, подобро и да ја нема.

– Ако имаме лидерска средба или тимска средба, без разлика како сакате наречете ја, без суштина, без заклучок, подобро да ја немате. Зошто да ги оптоваруваме граѓаните? – смета Мицкоски.

На прашањето дали е сè уште жива идејата за предвремени избори по кои би се формирала широка влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека тој е за влада во која „ќе имаме едно широко македонско национално единство“, бидејќи во овој момент имаме влада во која има сè, само нема македонско единство.

Каква ќе биде следната влада, вели Мицкоски, зависи од резултатот на изборите по кои ќе се прават калкулации и ќе се зборува за политики.

– Јас сум за влада во која ќе имаме едно широко македонско национално единство бидејќи сега сме со влада во која има сè, само нема македонско единство. Имаме премиер што нема народен легитимитет, имаме македонска, условно кажано, политичка партија којашто е малцински потчинет партнер, односно во заложништво на оние кои вистински управуваат – порача Мицкоски.

Прашан дали тоа значи влада на „ВМРО-ДПМНЕ плус СДСМ минус ДУИ“, тој вели дека тоа ќе го одредат граѓаните на изборите, но доколку се прашува ВМРО-ДПМНЕ, редно време е после 20 години ДУИ да помине одреден период во опозиција.

Тој не е убеден дека ДУИ ќе победи кај етничките Албанци, според бројките со кои располагаат во ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на уставните измени, Мицкоски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ побара да се дадат гаранции, да се изготви социјален пакет, зачувување на национално достоинство како предуслов за било какво отворање на темата за уставни измени, но пред се да се излезе на избори и сите овие околности и црвените линии да се претстават пред народот.

– Се прифати решение за кое што немаше национален консензус. Дури и одредени партии кои беа дел од владината коалиција тогаш, застанаа против тоа решение. Зошто е важен тој национален консензус? – посочи Мицкоски и продолжи: „Кога ќе ви речат подобар договор од ова не може да има, тоа е своевиден ултиматум. Од каде да знаат луѓето? Зарем во сета оваа поларизација во македонското општетство, немањето народен легитимитет и авторитет, да верувам во преговарачките и дипломатските способности на Бујар Османи, Димитар Ковачевски и Али Ахмети дека постигнале најдобар договор и дека од тоа подобар не може да има? Имаше подобар договор и ќе ви кажам и подобри понуди. Предлогот на германското претседателство е многу подобар од овој кој што го потпишаа. Знаете зошто не помина, затоа што во Бугарија се постигна национален консензус и тие го одбија тоа и знаеа дека следниот предлог ќе биде многу подобар“.

Мицкоски посочи дека дури и Договорот кој што во време владата на ВМРО-ДПМНЕ и владата на ГЕРБ го договарале и кој бил речиси завршена работа бил многу поповолен од тоа кое што после тоа го потпиша Зоран Заев, но најпрво не бил потпишан поради тоа што во прв момент падна владата на Борисов, па имаше година дена техничка влада, а потоа почнаа да се објавуваат оние нелегални снимки од 2015-та година од страна на тогашната опозиција и Зоран Заев.

– Јас барам фер шанса за мојот народ. Овој народ и овие граѓани на Македонија направиле толку многу за тие европски вредности, што не заслужија ваков однос. Јас само тоа го барам, фер однос, каков што имале Словенците, Хрватите, Чесите, Унгарците, Романците. Знаете зошто не постои фер за нас, затоа што имаме политичари кои што по линија на помал отпор, за да останат ден повеќе да прават сомнителни работи за кои постојат основани сомневања за криминал и корупција, се подготвени се и сешто да потпишат’ – рече Мицкоски и нагласи дека ќе се бори за својот народ и ќе бара од Европа да застанат позади вредностите кои што на времето ги дефинирале Шуман, Аденауер и Де Гаспери.

Поврзани содржини