АКО НЕ ЗНАЕШ КОЈА ФУНКЦИЈА ДА ИМ ЈА ПОНУДИШ, ИЗМИСЛИ ЈА! Заев ги враќа министрите без ресор откако самиот ги укина
Зоран Заев како да заборавил, коментираат политичките аналитичари, дека уште во 2015 година, кога тој и неговата партија од опозиција жестоко ја критикуваа власта на ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека земјава е рекордер со дури 26 министри на два милиони жители, а веројатно заборавил и дека уште тогаш самиот тој најави оти идната влада на СДСМ нема да има повеќе од 20 министри, со тенденција тој број да се намалува.
Откако во август минатата година ги укина, премиерот Зоран Заев сега повторно сака да ги врати во игра министерствата без ресор, оти смета дека на тој начин ќе ги смири духовите што се возбудија кај помалите политички партии во владејачката коалиција, особено откако новиот коалициски партнер Алтернатива добро се испазари со премиерот и својот влез во владата го наплати со придобивање 47 функции.
Зоран Заев како да заборавил, коментираат политичките аналитичари, дека уште во 2015 година, кога тој и неговата партија од опозиција жестоко ја критикуваа власта на ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека земјава е рекордер со дури 26 министри на два милиони жители, а веројатно заборавил и дека уште тогаш самиот тој најави оти идната влада на СДСМ нема да има повеќе од 20 министри, со тенденција тој број да се намалува.
Пет години подоцна, за време на изборната кампања пред парламентарните избори што се одржаа на 15 јули 2020 година, премиерот упати ново ветување за кратење на министерските позиции.
– Ги укинуваме кабинетите на сите 7 министри без ресор во новата влада предводена од СДСМ и коалицијата. Ќе градиме уште поотчетна и потранспарентна влада која ќе работи за народот, за унапредување на правата на сите граѓани – рече тогаш Заев.
Но, сега, кога му гори под нозете, коментираат нашите соговорници, премиерот реши повторно да си го погази зборот и на своите коалициски партнери да им понуди „празни“ функции, односно да назначи нови безресорни министри, чија непродуктивност длабоко ќе брцне во џебот на граѓаните.
Самоуништувачки потег
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во изјава за Плусинфо вели дека со одлуката да се вратат министерските места без ресор премиерот Зоран Заев всушност го прави она што најдобро го знае: погазување на зборот.
Станува збор за класично партиско „вдомување“ и залажување на апетитите што ги покажуваат помалите политички партии.
– Пред само една година СДСМ ги укина министерските места без ресор со цел да се заштедат државните пари, а сега истата таа партија повторно ги нуди ваквите позиции само за да се задржи на власт. Ваквата одлука ќе му се удри од глава на премиерот Зоран Заев, оти станува збор за самоуништувачки потег за СДСМ, но и за државата. Станува збор за класично партиско „вдомување“ и залажување на апетитите што ги покажуваат помалите политички партии. Ваквиот потег нема ништо добро да ѝ донесе на државата, бидејќи министрите без ресор се само симбол за трупање функции. Иако првично одбија, сепак сметам дека помалите коалициски партнери ќе ја прифатат понудата од премиерот и дека ќе добијат министри без ресор. Ако евентуално одбијат да го сторат тоа, тогаш ќе бидат притиснати од меѓународниот фактор и ќе мораат да прифатат – изјави Пекевски.
Аналитичарот Петар Арсовски смета дека ваквиот потег на премиерот Зоран Заев ќе има негативно влијание врз рејтингот на неговата партија, но дека сето тоа би се компензирало во случај на некаков позитивен исход во процесот на евроинтеграциите.
– Сегашното владино мнозинство е заглавено во една комплицирана политичка ситуација, бидејќи се води активна борба за да се задржи владиното мнозинство. Затоа, нормално е да се прават компромиси затоа што главната цел е да се стабилизира состојбата до наредната година кога се очекува некаква разврска со Бугарија. Во таа смисла, овие компромиси, како што е доделувањето министерски позиции без ресор, не се многу упатни во смисла на политичка стратегија, но се неопходни поради тоа што владината коалиција е шарена и поради тоа што Алтернатива е нов партнер кој зеде голем дел од стариот колач – објаснува Арсовски за Сител.
Негативни рејтинг-поени за СДСМ очекува и аналитичарот Владимир Божиновски од Институтот за политичко истражување (ИПИС), кој смета дека ситуацијата на Илинденска е толку лоша што владата мора во екот на економска и енергетска криза да отвора нови кабинети и да создава дополнителни трошоци за граѓаните.
– На пример, тоа што го постигна коалицијата ДОМ/ЛДП на локалните избори сега може да биде загубено со секој нареден ден во власта со којашто раководи СДСМ. Можеби ова ќе биде и една од причините зошто некоја од помалите партии во блиска иднина ќе донесе одлука да ја напушти владината коалиција. Неуспехот во преговорите со Бугарија ќе предизвика нова политичка криза која веројатно ќе резултира со брзи предвремени парламентарни избори – вели Божиновски.
Владата во моментов брои 19 министри и премиер. До август 2020 година, односно до составот на новата влада по последните парламентарни избори, владата броеше 27 министри плус премиер. Кога Заев го претставуваше новиот кабинет рече дека се крати бројот на министри без ресор со цел да се добие поефикасна влада со намалени тршоци на функционирање.
Заев нуди, ама ретко кој прифаќа
На состанокот со помалите политички партии, премиерот Зоран Заев на своите коалициски партнери им понудил министри без ресор, но понудата била одбиена од сите коалициски партнери, освен од Српската партија во Македонија.
Имено, лидерот на Српската партија, Мирослав Јовановиќ, изјави дека неговата партија нема да отстапи од идејата да добие министер без ресор доколку Алтернатива добие такво министерско место.
– Имаше предлог од некои наши коалициони партнери за министри без ресор, а уште пред формирањето на владата бевме договорени такво нешто да нема, односно да се намалат министрите. Затоа, ако Алтернатива добие министер без ресор, тогаш и ние ќе бараме – изјави Јовановиќ.
Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, вели дека е против доделувањето министерски места без ресор, но со одреден исклучок.
– Не се прифатливи тезите за проширување на бројот на министри преку министри без ресор. Различно е да имате министер кој раководи со ресорно министерство во однос на министер без надлежности и без вработени, освен секретарка и возач. Со новата проекција се нарушува балансот на штета на мнозинскиот народ. Би било прифатливо новиот мандатар да ги има предвид овие аспекти при компонирање на новата влада – рече Трајанов.
Различно е да имате министер кој раководи со ресорно министерство во однос на министер без надлежности и без вработени, освен секретарка и возач.
Лидерот на НСДП, Тито Петковски, пак, вели дека неговата партија нема да бара ништо за возврат.
– Ние не бараме ништо. Јас и на средбата со премиерот реков дека ако навистина Алтернатива гарантира дека до крајот на годината или на почетокот на идната година ќе ги почнеме преговорите со Европската Унија, ние би ги отстапиле и нашите три места што ги имаме во извршната власт – изјави Петковски.
Од коалицијата ЛДП/ДОМ засега не се изјаснија дали ќе бараат повеќе функции во идната влада, но претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, минатата недела за Плусинфо изјави дека за нејзината партија најважни се програмските приоритети, а не добиените функции.