АКО НЕ ТАРАВАРИ, ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ ЌЕ БИДЕ КАСАМИ Албанската опозиција пред одлука
Првично беше разговарано да биде г. Таравари, но не е исклучено, има комбинации и јас да бидам – вели лидерот на Беса, Билал Касами.
Ако Арбен Таравари остане на ставот дека не е заинтересиран да биде кандидат за претседател на државата, тогаш таа трка, за коалицијата на опозициски партии на Албанците, ќе ја трча лидерот на Беса, Билал Касами, откри лично Касами во интервју за „360 степени“ на МРТ
– Првично беше разговарано да биде г. Таравари, но не е исклучено, има комбинации и јас да бидам – рече Касами.
Лидерот на Беса тврди дека разговорот со Таравари на оваа тема не е завршен и дека се работи за интересот на Албанците, за носење промена. Воедно, Касами нагласи и дека Таравари се истакнува како сериозен кандидат за втор круг.
-Г. Таравари рече дека не е заинтересиран, но ние не разговараме за лични интереси, за лични претензии, туку разговараме за интересот на Албанците за носење промена. Ако заедно цениме дека г. Таравари ќе биде најдобриот кандидат за претседател, јас целосно верувам дека г. Таравари ќе биде спремен да ја води оваа трка, уште повеќе што во сите разговори што сме ги имале, сите консултации, г. Таравари го истакнуваат како сериозен кандидат да оди во втор круг“ – истакува Касами.
Од одлуката кој ќе биде претседателски кандидат зависи и кој ќе ја води пратеничката листа на „Европски сојуз за промени“ (ЕСП) во Изборната единица 6. Ако Таравари е кандидат за шеф на државата, тогаш Касами ќе биде носител на листата и обратно, вели лидерот на Беса.
На прашањето за улогата на косовскиот премиер Албин Курти и неговото влијание во опозицискиот албански блок, Касами истакнува дека „Европскиот сојуз за промени“ не му е политички потчинет на Курти, туку дека имаат меѓусебна соработка.
– Јас сметам дека г. Курти е најпроевропски Албанец. Господин Курти е човек на власт кој најмногу ја сака Европа. Тој е и проамерикански бидејќи моментално тој е најнекорумпиран политичар, кој најмногу верува во западните европски вредности. Во пракса г. Курти е многу поовеќе проевропски отколку г. Рама и другите албански функционери. Така што, Курти ја сака својата земја, својот народ и работи 24 часа на ден за неговата земја да биде во европското семејство – нагласи Билал Касами.