АКО НЕ ПОМИНАТ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ЌЕ БИДЕ ПОТРЕБЕН НОВ УСТАВ Арбен Таравари заговара дводомен парламент
Ако не се случат уставните измени, ви гарантирам дека ќе дојде до една колективна депресија во општество – вели лидерот на Алијанса за Албанците.
Доколку не поминат уставните измени и не станеме членка на ЕУ, треба да се размислува за нов Устав, изјави вчера лидерот на политичката партија Алијанса за Албанците Арбен Таравари во интервју за Фокус.
– Не е добро за Македонија да не поминат уставните промени, затоа што ако се одвои Албанија, ќе останеме со Косово, каде што реално постојат проблеми, и БиХ, која е недефинирана држава. Ќе останеме држава кадешто надежта умира. Кога имате екстремна левица, реципрочно ќе се роди радикална десница, или кај некоја од партиите што постоиме, или во нова партија – вели Таравари.
Според него, во таква ситуација треба да почне да се размислува за нов устав.
– Ако не се случат уставните измени, ви гарантирам дека ќе дојде до една колективна депресија во општество. Со тоа ќе ја изгубиме и таа капка надеж да се започне со реформите и можноста со членството во ЕУ, да се подобрат состојбите во правосудството, борбата против корупцијата и криминалот. Тогаш треба да размислуваме за нов Устав, како што рече претседателот Пендаровски – вели Таравари.
Според лидерот на Алијаса треба да се размислува за дводомен Парламент.
– Сметам дека еден дом треба да е составен од претставници на локалната власт, како на пример од градоначалниците на триесетина поразвиени општини, а во другиот би биле претставници на избрани од народот, пратеници. Еден предлог може да биде 20 развиени општини. Можеби парламент со 50 пратеници. Можеби еден парламент со 20 градоначалници, а еден парламент со пратеници, како конгресот и сенатот во САД. Треба да размислиме за неколку опции со кои државата подобро би функционирала – вели Лидерот на Алијанса за Албанците.