„Внучкото“ Заев пред договор со Али Ахмети, Талат Џафери ќе се смилува и ќе свика седница на парламентот

Во рок од 20 дена Уставот вели дека се конституира Собранието, а во Деловникот пишува на кој начин се конституира Собранието.

4,569

На собранискиот спикер во заминување, Талат Џафери, веројатно сè уште не му се присакало да свика продолжение на конститутивната седница која беше откажана минатата недела со официјално образложение „поради објективни семејни причини“, односно поради раѓањето на неговиот внук.

– Кога ќе сакам јас, тогаш ќе свикам седница – изјави Џафери во петокот, а оттогаш, ниту трага, ниту глас од него.






Но, поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, во изјава за Плусинфо вели дека Џафери не може вечно да ја одолговлекува работата, затоа што, како што објаснува, продолжување на седницата може да свикаат група пратеници.

Ако Џафери сè уште одолговлекува, тогаш неговата работа ќе ја завршат група пратеници со тоа што ќе закажат продолжување на седницата.

Тито Петковски Поранешен претседател на Собранието

– Не сакам да давам оценки за работата на Талат Џафери, но можам да кажам дека станува збор за крајно неодговорен човек. Тој постојано ги толкува работите онака како што ѝ одговара на партијата ДУИ. Во случајов, тој беше фрустриран од можноста да не се направи владина коалиција со ДУИ и на тој начин сакаше да му се закани на СДСМ. Сепак, тој може да закаже седница кога ќе има договор за влада по предлог на мандатарот. Кога Зоран Заев ќе предложи седница, тогаш Џафери е должен да ја закаже седницата. А ако и тогаш не сака да ја закаже, тогаш Деловникот дава можност група пратеници да ја закажат седницата и еден пратеник да претседава – објаснува Петковски.

Според него, Уставот предвидува рок за конституирање на Собранието.

– Во рок од 20 дена Уставот вели дека се конституира Собранието, а во Деловникот пишува на кој начин се конституира Собранието. Деловникот е процедура и тој не е нормативен акт кој може да го суспендира Уставот. Тоа што сега треба да се направи е да се формира Комисија за избори и именување која го предлага новиот собраниски спикер. Тоа треба да го сторат координаторите на сите пратенички групи, бидејќи во Комисијата има претставници од сите пратенички групи. Како и да е, ако Џафери сè уште одолговлекува, тогаш неговата работа ќе ја завршат група пратеници со тоа што ќе закажат продолжување на седницата – вели Петковски.

И професорката Мирјана Најчевска ги повика пратениците да ја закажат седницата, со тоа што, како што вели, збор ќе има највозрасниот пратеник во Собранието.

„Амнестираниот воен злосторник кој го држи во заложништво Собранието треба веднаш да биде демантиран со тоа што седницата ќе ја свика најстариот пратеник. Ама не ви стиска. Сите сте покорни слуги и спремни да бидете дел од фарсата. Има Устав и има закон и има Деловник и има мрсули кои се нарекуваат пратеници, а кои немаат поим што значи да се биде пратеник, туку знаат да бидат само покорни поданици. Суверенитетот на граѓаните не е пренослив. Тој им припаѓа на граѓаните. И јас како носител на тој суверенитет не се согласувам некој да се измотава со највисокото законодавно тело во државата. Или почнете да се однесувате како пратеници и свикајте седница или сиктер од Собранието“, напиша Најчевска на Фејсбук.

Сепак, познавачите велат дека нема да имаа тензии околу свикувањето седница на парламентот. „Внучкото“ Заев е пред договор со Али Ахмети и Талат Џафери, откако купи доволно време, уште оваа недела ќе може да ја објави новата сеанса, на која ќе биде избран парламентот.

Поврзани содржини