Ако Бугарите биле администратори, тогаш кој ги депортираше Евреите во Треблинка?
Треба да се истакнат темелните подготовки што се направени пред самиот чин на депортацијата. Прво е направен детален попис, а согласно антиеврејските закони секоја еврејска куќа била обележана, а секој Евреин бил принуден на облеката да ја има истакнато „Давидовата ѕвезда“, како начин на распознавање.
Денеска одбележуваме 79 години од депортацијата на македонските Евреи, кои од земјава присилно се однесени во Треблинка, каде речиси сите биле убиени во гасна комора.
Историските извори потврдуваат дека на патот без враќање се депортирани 7.200 Евреи, најмногу од Битола, Штип и од Скопје, што претставува 98 отсто од вкупната еврејска популација од територијата на земјава, а што воедно е и најуспешната акција во Втората светска војна кога е во прашање холокаустот. На ниту една друга територија која била под директна или индиректна контрола на Германија, не се пронајдени, депортирани и на крајот убени повеќе Евреи, изразено во проценти, од операцијата којашто се случила во Македонија на 11 март во 1943 година.
Затоа и треба да се истакнат темелните подготовки што се направени пред самиот чин на депортацијата. Прво е направен детален попис, а согласно антиеврејските закони секоја еврејска куќа била обележана, а секој Евреин бил принуден на облеката да ја има истакнато „Давидовата ѕвезда“, како начин на распознавање. Евреите не смееле да споделуваат политички ставови, да одат по тротоари, да се занимаваат со низа на професии и да пазарат на истите места како и останатите жители. Пред да бидат убиени, тие прво биле политички отстранети од општеството, а тоа го овозможил Законот за чистота на нацијата.
Согласно Уставот и законите.
Во исто време во тогашните медиуми, се пропагирала ужасна пропаганда за еврејските злосторства и за оправданоста од нивното отстранување од нацијата. Ужасната судбина на своите сонародници, граѓаните требале да ја „сварат“ со секојдневно објавуваните пропагандни памфлети, во кои Евреите се опишувани како припадници на „пониска раса“, кои се „генетски предодредени за корупција“.
Четири дена пред депортацијата, започнало апсењето и масовното собирање на Евреите од Македонија во Скопје. Тие се собрани во зградата на „Монополот“, каде потоа се качени во вагони за превоз на стока и испратени за Треблинка. По пат им се приклуче и Евреите од југот на Србија.
И вака некако би изгледала лекцијата за холокуастот во Македонија, доколку се согласиме со теоријата за „администраторите“ и со тврдењето дека во Втората светска војна во Македонија не се водела ослободителна борба, туку тоа била граѓанска војна. Или вака ќе изгледа лекцијата по предметот историја во Македонија, доколку од неа ги извадиме следниве факти: Поголемиот дел на Македонија од мај 1941 година е окупиран од бугарската војска и полиција; Антиеврејските закони се донесени од Народното собрание во Софија во 1940 година, по примерот на Нирберншките закони од Германија. Депортацијата на Евреите од Македонија во Треблинка е договорен меѓу Долф Беркеле, германски полномошен министер во Бугарија и Петар Габровски, бугарски министер за внатрешни работи. Весникот „Целокупна Бугарија“, кој бил во целост финансиран од бугарската држава, бил главниот извор на пропагандата против еврејскиот народ. На крајот, бугарските војници ги депортирале Евреите, со воз на „Бугарски железници“. Во Пирот, кој во тоа време е под бугарска окупација, на композицијата ѝ се приклучени уште 2.000 Евреи. Претходно, депортирани се Евреите од териториите на Грција, кои во текот на војната се ставени под бугарска власт.
Сите овие факти се јавно достапни на интернет, потврдени се од меѓународни и релевантни фактори, а заинтересираните можат многу лесно во физичка форма да ги пронајдат и во Музејот на холокаустот во Скопје. Но, и покрај тоа Бугарија инсистира дека не била фашистичка, нацистичка и окупаторска сила за време на Втората светска војна. Од некоја причина и македонската страна ги зема предвид овие „аргументи“ на бугарските историчари, прифаќајќи ја полека „администраторската теза“ со вадењето на придавката „бугарски“ од „фашистички окупатор“.
Кој ги депортираше Евреите?
И на крајот доколку се согласиме дека Бугарите биле само чиновници во Македонија, а знаеме дека Германците не учествувале директно во депортацијата, тогаш некој ученик во иднина би можел да праша, а кој тоа ги однесе Евреите во Треблинка? Да не отишле можеби сами?
Одговорот ќе биде фашистите. Но бидејќи фашистите не се повеќе од Бугарија, туку тие се наши од тука, тогаш правиот одговор ќе биде дека зад депортацијата на македонските Евреи стојат Македонците.
За жал, доколку биде постигнат компромис во работата на Комисијата за историја во која партиципираат историчари од Македонија и од Бугарија, тогаш делот за депортацијата на македонските Евреи ќе изгледа баш вака. А тогаш, веројатно и ќе добиеме датум за отпочнување преговори за членство во ЕУ, со тазе оверена фашистичка етикета.