Ахмети: Заев ја ризикува политичката кариера кога работите ги кажува директно
Лидерот на дУИ смета дека е потребно да се најде решение што побрзо, но без влијание на емоциите, туку со разум.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, коментирајќи го интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарски БГНЕС рече дека кај него има добра волја за решавање на спорот со Бугарија, што е многу важно за иднината на нашата земја за отворањето на преговорите за интеграција во Европската унија.
– Верувам дека ова е ризик и лична жртва на Заев, кој ја ризикува својата политичка кариера да ги каже работите така директно, со најдобра намера за земјата, државата и нашите граѓани – рече Ахмети.
Тој додаде дека Албанците се солидаризираат со Македонците околу ова прашање.
– Во оваа ситуација, ние секако ќе се солидаризираме со нашите македонски сограѓани и никогаш не сме спореле за ништо, било за јазикот или историјата, затоа што нашите судбини биле исти, окупаторите ни беа исти и жртвувањата ни биле заеднички, заеднички да бидеме слободни во овие простори – рече Ахмети.
Според него, потребно е да се најде решение што побрзо, но без влијание на емоциите, туку со разум.
– Се надевам дека бугарската страна, која беше придонесувач и потврдувач на нашите универзални вредности за членството на нашата земја во НАТО и почетокот на преговорите за ЕУ исто така ќе покаже висока рационалност за надминување на овие постојни разлики и што е можно побрзо да се започне или да се одржи заеднички меѓувладин состанок за почеток на преговори за членство во ЕУ. Се надевам во европските вредности што ги има Бугарија и овие тешкотии ќе бидат надминати во наредните денови – рече Ахмети.