Ахмети: Гоце Делчев со кече на глава држел говор пред Албанците
Многу природно и легитимно е да го достигнеме и врвот на државата за да раководиме, денес ја бараме функцијата на премиерот, утре и на претседателот на државата, бидејќи ова е наша земја, наша држава и никој не може да ни ги негира овие права, рече лидерот на ДУИ.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети заедно со кандидатот за премиер Насер Зибери одржаа собир кај Камениот мост во Скопје, од каде истакнаа дека како што мостот претставува симбол на поврзување на албанската и на македонската страна, така треба да се урнат идеолошките и националистички ѕидови кои ги делат народите и да се верува во идеологијата „Еднаква земја” за сите.
– Од ова место, недалеку од тука, Скендербег не гледа. Пред 100 години на овој мост имаат поминато Хасан Приштина и Иса Болетини кои никогаш не ги негираа и другите нации кои живееле на овие подрачја. Имало соработка на албанските патриоти со македонските движења, и не се каам што сум рекол дека треба да се прифати Делчевизмот, значи да се прифати Гоце Делчев бидејќи соработувал со албанските патриоти. Имам порака за новите политичари на ова земја кои прават хомогенизација за
едно челично обединување помеѓу нив само премиерот да не биде Албанец. Нека се навратат во минатото и ако имаат почит за Гоце Делчев ќе видат дека тој има одржано говор пред Албанците со бела капа. Ако тие се потомци на Гоце Делчев, ова кандидатура требаше да ги направи среќни –
подвлече Ахмети.
Тој истакна дека кандидатурата за премиер Албанец не само што ќе ја зајакне стабилноста и безбедноста на земјата, но ќе има и позитивно влијание врз економијата.
– Многу природно и легитимно е да го достигнеме и врвот на државата за да раководиме, денес ја бараме функцијата на премиерот, утре и на претседателот на државата, бидејќи ова е наша земја, наша држава и никој не може да ни ги негира овие права – рече Ахмети.