Јагленот останува во игра

Јагленот обезбедува над една третина од глобалното производство на електрична енергија иако е фосилно гориво со најголем потенцијал на глобално загревање. Тоа е поголемо во споредба со производствата од другите видови на горива, плус создава големо локално загадување.

814

Една од главните теми што се дискутираат во јавноста во светот и кај нас овие денови е воведувањето на повисоки царини за увоз на стоки во САД.

Се создаде една голема мешаница од реакциите на сите земји во светот бидејќи тие мерки имаат огромно влијание во повеќе сфери: економија, финансии, берзи, политички односи итн.






Во тој куп на информации нечујно помина кај нас веста дека претседателот Трамп донесе наредби кои имаат цел да се засили производството на јаглен наменет за добивање на енергија вклучувајќи ги и термоелектричните централи, а со изговор дека се очекува пораст на потребите од електрична енергија.

Мене нешто ме буни бидејќи призводството на електрична енергија од гас и од обновливи извори (сонце и ветер) е поевтино отколку производството со јаглен. Оваа вест ме поттикна да прочитам што има ново околу користењето на јагленот за производство на електрична енергија во светот.

Заради порастот на населението во светот, заради технолошкиот и економскиот развој, денес потребите за електрична енергија постојано растат на сите нивоа.

Според Меѓународната агенција за енергија (IEA) од 2010 до 2023 година употребата на електрична енергија пораснала двапати побрзо отколку вкупната побарувачка на енергија. Причина за тоа е зголемувањето на бројот на електрични возила, употребата на топлински пумпи (клима уреди) за греење и ладење, зголемување на стандардот на населението, проширување на центрите за податоци (вештачката интелигенција), дигитализација на економијата, и др.

Јагленот обезбедува над една третина од глобалното производство на електрична енергија иако е фосилно гориво со најголем потенцијал на глобално загревање. Тоа е поголемо во споредба со производствата од другите видови на горива, плус создава големо локално загадување.

Но додека јагленот постепено се исфрла од употреба за производство на електрична енергија во повеќе земји, тој и понатаму ќе продолжи да игра клучна улога во производството на железо и челик додека не бидат достапни понови технологии.

До крајот на 2024 година, само неколку земји го завршиле своето укинување на производството на електрична енергија со јаглен: Белгија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Португалија, Словачка и Обединетото Кралство.

Со оглед на тоа што побарувачката за електрична енергија продолжува да расте, многу земји коишто имаат јаглен, а немаат други ресурси, потребите ќе ги задоволуваат само ако продолжат и понатаму да произведуваат електрична енергија со јаглен како прв избор. Ова е особено изразено во земјите со забрзан економски развој.

Кина, Индија и некои други земји сега го реализираат својот индустриски развој на сличен начин како сегашните развиени земји кои во минатиот век интензивно ги користеа фосилните горива, особено јагленот. На дијаграмот подолу се гледа дека САД и особено Европа користат јаглен интензивно почнувајќи од 19-ти век, а Кина и Индија стотина години подоцна.

Кина има инсталирано далеку најголем капацитет за производство на електрична енергија со фотоволтаици во светот, но тој капацитет не е доволен да го следи големиот економски развој последниве децении. Затоа, во овој период (и денес) истовремено гради нови термоелектрични централи на јаглен така што нејзиното производство на јаглен е поголемо дури и од вкупното производство во останатиот свет.

Кога сме кај САД, да кажам дека тие се најголеми производители на нафта и гас во светот почнувајќи од 2010 година наваму воведувајќи фракинг (fracking) технологија за извлекување на нафта и природен гас. Со неа се врши дупчење во земјата и се вбризгува вода и хемикалии под висок притисок со што се кршат шкрилци од кои се одвојува нафта и/или гас. Од таа година производството на јаглен во САД опаѓа иако Трамп се обидува да го поттикне со новите наредби.

Уште нешто чудно: Трамп кажува дека новите наредби се насочени кон зајакнување на американската „убава индустрија за чист јаглен“. Последниов израз е сосема погрешно употребен бидејќи јагленот не е чист, а индустријата со јаглен не е убава, има опасно загадување.

Во 50-ите и 60-ите години на минатиот век (во мојата детска возраст) скоро сите домаќинства во Скопје користеа ќумур (јаглен) за греење на просториите, а дрва само за потпалување. Добро знам колку е „јагленот чист и убав“ за користење.

Поврзани содржини