АФЖ ЛЕВИЦА БАРА КРИВИЧЕН ПРОГОН ЗА ФАТМИР ДЕХАРИ „Одвратно, мизогино и злоупотребувачко однесување на кичевскиот градоначалник“
Ова е скандал преку злоупотреба на функција, полов мобинг и родово засновано насилство, нагласува организацијата на жените на партијата Левица.
„Антифашистичкиот фронт на жените, АФЖ – Левица, најостро го осудува одвратното, мизогино и злоупотребувачко однесување на Фатмир Дехари, градоначалник на Кичево, како и срамното молчење од страна на ДУИ и останатите институции“, соопшти Левица.
„Аудио-снимките што излегоа во јавност, на кои се слуша како Дехари сексуално малтретира и понижува вработени жени во Општината, се доказ за системска злоупотреба на моќ и родово насилство на работно место, а тоа е нешто што заслужува и кривична одговорност, не само – политичка оставка!
Ниту една жена не треба да биде предмет на понижување, заплашување или сексуално изживување, особено не од страна на функционер платен со парите на граѓаните. Ова е скандал преку злоупотреба на функција, полов мобинг и родово засновано насилство.
АФЖ – Левица бара јавна реакција од жените-функционерки во ДУИ, реакција од Комисијата за заштита од дискриминација и кривична одговорност и казни за насилникот“ – се вели во соопштението на Левица.