Афтершок
Заедницата, државата сите ја критикуваме, тоа ни е спорт. Дури и веќе станува банално. Дискутирајќи со жар, подзабораваме дека и ние, кој повеќе кој помалку, придонесуваме за заедницата и државата.
Се сретнавме во автобус. Едната, Сузана, ја препознав од далеку, другите две, Славица и Љубица, ги запознав откако се симнавме. Пензионерки од Здружението. Продолживме заедно накај Градски парк. Попат едната почна да дискутира нешто, а другата ја укори: „Сега да го оставиме тоа, да мислиме на протестот“.
А протестот беше најавен за 10 часот кај Школка во паркот, но на некои сајтови стоело 11 часот. Кога стигнавме – ни жива душа! Претпоставивме дека сепак е во 11, па приседнавме додека дојде време. Сонце. Никој не се појави.
Навечер, на вести, ги видов снимките од протестот пред домот на Вања. Грст луѓе, можеби луѓе од семејството.
Минатата недела вестите почнуваа со случајот на грабнување и усмртување на девојчето. Слабо гледам телевизија, но начув. Од иста причина требаше да изгуглам за презимето на втората жртва Панче Жежовски, кој беше оставен во длабока сенка.
Илјадници и илјадници постови. Не сум на мрежите, но човек ќе начуе, и ќе се зачуди. Колку (не)вистини, (полу)вистини, теории, итн.
Штом толку новинари, уредници, луѓе на Фејсбук, работен народ кој дебатирал уз кафе, учители и родители од школото на Вања… ѝ посветиле од своето време, како да не најдат време и не се појават на протестот? Толку гнев и сочувствување со нејзините најблиски, па требаше реки народ да се слеат во паркот или пред зградата (кој каде прочитал од организаторот). Каква беше таа штама тогаш кога можеше најдиректно да се искаже сопственото сочувство?
Страв ли беше во прашање? Граѓанска незрелост и недоволна култура на активизам? Или, што би се рекло, од двете помалку? Или пак, луѓето можеби се заситија од честото спомнување на името Вања по медиуми и мрежи и тој ден си помислија: „Уморен сум, нека оди некој помалку уморен“. Дали мајката на Вања го оправдуваше почнувањето на вестите цела недела со нејзиното девојче? Или посакувала малку повеќе тишина во својата болка? Дали така ќе се почувствуваше оставена самата на себе? Не знам. Но дента на протестот сигурно се почувствувала сама-самцата на светот. Афтершок.
Инициран од сопругата на бугарскиот амбасадор во земјава, Билјана Ангелова, протестот (на 12 декември на плоштад) во рамки на кампањата „Стоп за семејното насилство – Жртвите не се виновни“, имаше за цел одавање почит кон жртвите на семејното насилство и покренување на свеста за овој проблем. Таму беа присутни екселенции и нивните сопруги, медиуми, нешто од цивилниот сектор и уште тукуречи два-тројца. Протестот беше едноминутен, а луѓето супер зафатени, бидејќи тогаш и една минута стоење е предолго. Ангелова меѓу другото, рече: „Искрено се надевав дека ќе нé има повеќе, особено после она што се случи неодамна“. Таа повика на зголемување на свеста на сите општествени чинители, а чинител е секој од нас, поединечно, со име, биографија, удел во општеството.
Заедницата, државата сите ја критикуваме, тоа ни е спорт. Дури и веќе станува банално. Дискутирајќи со жар, подзабораваме дека и ние, кој повеќе кој помалку, придонесуваме за заедницата и државата. А најнапред за Човекот.