АФП ЗА ИСЕЛЕНИЧКИОТ ЕГЗОДУС НА БАЛКАНОТ Македонија е погодена од демографска бомба

Ако сте имале 2,4 милиони жители, а повеќе од четвртина немаат, тогаш навистина треба сериозно да се грижите што се случува - изјавил директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

718

Со напуштени дуќани и празни улици, има малку знаци на живот во македонскиот град Валандово, од кој голем број млади луѓе заминуваат во потрага по подобри можности во странство.

Како и поголемиот дел од сиромашната Југоисточна Европа, Македонија е погодена од демографска бомба поради стареењето на населението, помалку раѓања и масовната емиграција, пишува новинската агенција Франс прес (АФП).






Во текстот пишува дека Македонија изгубила десет проценти од населението во последните 20 години.

– Денеска во странство живеат околу 600.000 Македонци, покажуваат податоците на Владата и Светска банка. Слабиот економски раст и недостатокот на инвестиции го забавуваат напредокот на земјата, која има само 1,8 милиони жители за 30 години од нејзината независност – пишува АФП.

– Ако сте имале 2,4 милиони жители, а повеќе од четвртина немаат, тогаш навистина треба сериозно да се грижите што се случува – изјавил директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Селата и градовите како Валандово, лоцирани на 146 километри од Скопје, нудат малку работни места, па затоа оние со амбиции мора да бараат кариери на друго место.

– Системски се уништува духот на младите. Ентузијазмот за борба и останување во земјата е изгубен – изјави Перо Костадинов, градоначалникот на Валандово, објави АФП.

Во Валандово повеќе од 90 отсто од приходите доаѓаат од земјоделството, а слична ситуација е и низ Северна Македонија.

– Пет мои пријатели од клас од 20 луѓе веќе се иселиле со своите семејства – вели 24-годишниот Бојан Николов, член на младинскиот совет Валандово, во разговор за АФП.

Егзодус

Првите резултати од последниот попис во Македонија, спроведен во септември минатата година, покажуваат дека земјата изгубила повеќе од 200.000 жители од 2002 година.

– Од распадот на Југославија и независноста, многумина во Македонија се надеваа на членство во Европската унија и придобивките што ги носи тоа. Но, патот на Македонија кон членство постојано беше блокиран. Прво, Грција блокираше, па Скопје се согласи да ја преименува државата, сега Бугарија, која го негира постоењето на македонскиот јазик. Многумина затоа почнуваат да се сомневаат во европската перспектива, а оние што остануваат во земјава остануваат со просечна месечна плата од 470 евра – пишува АФП.

Слична е ситуацијата на целиот Балкан

Околу 1,7 милиони луѓе ја напуштиле Албанија во изминатите три децении, што претставува околу 37 отсто од населението, покажуваат владините бројки.

Стотици илјади луѓе ја напуштиле и Србија. Се проценува дека до 10.000 лекари ја напуштиле земјата во последните 20 години.

– Сите земји од Западен Балкан се погодени од емиграцијата во различен степен – изјавил Илир Гедеши, професор по економија во Тирана.

– Главните причини се економски, но сè повеќе и социјални – додал тој.

Поаѓа последниот воз

А членството во Европската унија не гарантира враќање на овој демографски тренд, нагласува АФП и го дава примерот со Хрватска.

Од влезот во ЕУ во 2013 година, населението на Хрватска се намали за речиси 10 отсто и моментално едвај надминува четири милиони, според првите резултати од пописот во 2021 година.

Според процените на ОН, до крајот на векот Хрватска би можела да има едвај 2,5 милиони жители.

Во декември, Загреб го претстави планот за охрабрување на своите граѓани кои живеат во ЕУ да се вратат во земјата, нудејќи им до 26.000 евра за да им помогне да започнат бизнис.

Но, за некои региони, можеби е веќе предоцна, констатира репортерот на АФП.

Во централна и источна Хрватска, особено погодена од војната во 1990-тите, емиграцијата беше особено масовна.

Во Пожега (исток) и неговата околина, написите „за продажба“ се присутни се повеќе и повеќе.

Според официјалните податоци, повеќе од 16 отсто од 80.000 луѓе кои го населуваат овој регион го напуштиле во изминатата деценија.

– Во мојата улица третина од куќите се празни, а втора третина ќе биде празна за десет години – се жали Игор Чанчар (39 години) од селото Брестовац.

Меѓу нив и неговата сестра која со сопругот и двете деца заминала во Австрија и повеќето негови блиски пријатели.

– Ако сакаме младите да останат, мора да им помогнеме да изградат куќа, да им обезбедиме градинки – вели Игор Чанчар.

– Последниот воз тргнува, а ние не правиме ништо освен да останеме на перонот и мавнуваме за збогум – заклучува тој, зборови со кои завршува репортажата на АФП за демографскиот егзодус на Балканот.

Поврзани содржини