ЏАФЕРИ ВЕДНАШ ДА СВИКА СЕДНИЦА Власта добива шанса да ја откочи Комисијата за избори и именувања

Како одговорни пратеници, водејќи се од итноста, потребата и барањето од Уставниот суд на Република Македонија, ние предлагаме да се свика седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата веднаш и уште во текот на утрешниот ден да се одржи седницата и да се изберат уставните судии на Уставниот суд на Република Македонија, порача координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски

233

Пратеници од повеќе политички партии во Собранието денеска почнале постапка и поднеле барање до претседателот на Парламентот, Талат Џафери, за итно свикување седница на Комисијата за прашања и изборите и именувањата, затоа што Комисијата нема претседател откако претходниот беше избран за градоначалник на локалните избори лани во октомври, поради што нејзината работа е закочена.

Работата на Комисијата треба да се откочи, сметаат пратениците, и за да може да се изберат нови уставни судии.






– Врз основа на член 120 став (2) од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, ние како пратеници бараме да се закаже второто продолжение на 13-тата седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Ова барање го поднесуваме со потписи на седум од вкупно 13 членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата – рече на денешната прес-конференција пратеникот и координатор на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Тој додаде дека бидејќи владејачкото мнозинство постојано ја обвинува опозицијата за блокада на работата на Собранието, а како што рече, од друга страна повеќе месеци не назначува нов претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратениците согласно членот 120 став 2 од Деловникот, ја презеле оваа иницијатива со цел откочување и продолжување со работа на оваа Комисија.

– Ова е шансата на власта да покаже дали има искрена намера за откочување на работата на оваа Комисија или само напразно ја обвинува опозицијата. Како одговорни пратеници, водејќи се од итноста, потребата и барањето од Уставниот суд на Република Македонија, ние предлагаме да се свика седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата веднаш и уште во текот на утрешниот ден да се одржи седницата и да се изберат уставните судии на Уставниот суд на Република Македонија – рече Мицевски.

Тој додаде дека нивна цел е ефикасност и подобрување на правосудниот систем во целост, и, како што нагласи, токму затоа бараат и ги повикуваат колегите пратеници од мнозинството да го поддржат ова барање и час поскоро да се одржи седницата и конечно по повеќемесечно чекање да се изберат уставните судии.

Поврзани содржини