Собранискиот претседател Талат Џафери вели дека Собранието нема судска надлежност за да истражува дали и кој пратеник бил осуден за кривично дело, како што тврди, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
Тој денеска објасни дека ДИК преку проверката на пратеничките листи пред изборите ги проверила народните избранинци и потврдила дека на нив нема лица кои се осудени.
– Собранието нема истражни и судски надлежности за да произлезе обврска на парламентот да истражува такви работи. Во ДИК преку процедура сите пратеници мора да потврдат дека немаат такви дела од соодветните судски инстанци, не верувам дека постои некој суд во државата кој ќе даде потврда дека не е осудуван некој – рече Џафери на денешниот брифинг со новинарите.
Пратеникот Милошоски од собраниската говорница кажа дека пратениците во Собранието имаат колега пратеник кој извршил силување на жена, казнет е за тоа, а сепак е на една висока функција.