Џафери на дрвена клупа во чекална

„Одлепеноста“ на македонските политичари од граѓаните секако може барем делумно да се надмине, доколку се сфати дека свеста за развојните ефекти од една успешна политика може да се гради, пред сè, преку градење на имиџот – колку тоа и да звучи како рецидив од претходниот напуштен систем – на политичар со „нормален, човечки лик“.

840

Еврокомесарката за внатрешни прашања, Илва Јохансон, е само една од политичарите во Шведска кои за своите патувања низ земјата најчесто ги користат услугите на железницата. По игра на случај пред неколку години лично ја имам видено госпоѓата Јохансон, кога излезе од автомобил што застана пред централната железничка станица во Стокхолм и навидум изморена, а веројатно и со болки во нозете, се упати кон чекалната во станичната зграда. Таму седна на долгите дрвени клупи, разлистувајќи весник додека го чекаше својот воз.

Во тоа време Илва Јохансон беше една од најпопуларните министерки во шведската Влада. Подоцна се појавија и фотографии на социјалните мрежи на кои оваа шведска министерка седи на клупа на некоја железничка станица, со сендвич во раката купен во киоск на перонот. Секој има право да суди во колкава мера станува збор за една скромна и обична личност, или како што таа еднаш самата рече дека „е само работник“, но сигурно нема да биде ништо чудно доколку Илва Јохансон и сега, како еврокомесар во Брисел, за своите патувања ги користи и белгиските возови.






За кого ова треба да послужи како пример? Сигурно не, во поучна и педагошка смисла, за македонските политичари, посебно оние високопозиционираните. Широка лепеза од интересни примери можат добро да го илустрираат тоа, во целиот период од осамостојувањето на Македонија па до денес, вклучувајќи ги политичарите од сите партии, кои со изострени сетила мошне добро ги почувствувале вкусот на власта и на материјалните привилегии што таа ги носи.

Сосема се мали шансите новоименуваниот македонски премиер, Талат Џафери, да се најде во близина на некоја дрвена клупа, на која би седнал додека чека воз или автобус, бидејќи тој, својот пример за почитување на граѓанските морални норми, и на законски пропишаните забрани и ограничувања на движењето за општо добро, го покажува со целосно непочитување на пешачките зони во центарот на градот, каде што излегува од службено возило на владата, директно пред влезот на кафе-бар. Дали таму внатре ќе запали и пура, релаксирајќи се за миг од напорното работно темпо, е само напореден детаљ, кој за многумина веројатно и нема посебно значење во целата таа премиерска и „статусна“ приказна.

Министри кои секојдневно го читаат возниот ред и си резервираат билети за патување со воз е чин кој има јасна политичка симболика на многу места во светот. Како е воопшто можно избраните да си дозволат да се спуштаат на нивото на оние кои ги гласаат и избираат?

Шведските возови, кои овде ги посочивме како важен дел од секојдневието на политичарите, може да дадат добар повод за билдање на таквата симболика. Веста дека и македонскиот претседател Пендаровски пред извесно време, во текот на својата службена посета патувал низ Шведска со воз, предизвика медиумски публицитет. Такво нешто, сосема разбирливо, во Македонија добива третман на една од вестите на денот, имајќи предвид дека користењето на услугите на јавниот превоз ни од далеку не претставува некаква норма во начинот на однесувањето на политичарите, и тоа најмалку на оние во високите ешалони на власта.

Македонија не е земја која на каков било основ би можела да се споредува со постигнувањата во општествениот развој во скандинавските земји. Целта овде, значи, не е да се прават некакви изнасилени споредби, туку, пред сè, да се укаже на крупните разлики, и каде, всушност, подобро прилега хамлетовскиот израз, „нешто е гнило во државата Данска“, кога се зборува за валканата политика и корумпираните лидери и администрацијата во некоја земја.

Бидејќи ја споменавме Шведска, таму од поодамна не се гледа некаква спектакуларност во тоа што, на пример, пратеници во парламентот или партиски лидери во текот на предизборни кампањи патуваат низ земјата со воз. На најширок план, сепак, не станува збор за константа во однесувањето на шведските „народни избраници“, бидејќи медиумите одвреме-навреме известуваат и за одделни појави на злоупотреби на надоместоците од страна на политичарите, на пример, за патни трошоци и одвоен живот, но тие главно се доживуваат како нешто што претставува исклучок од правилото. Внимателно градениот имиџ на шведскиот политичар во себе мошне малку содржи „одлепеност“ од секојдневниот живот на обичните граѓани и избирачи.

Во Скандинавија често се користи една изрека со која се нормира начинот на однесување, посебно од морален аспект. „Живеј како што пропагираш“. Не може да се очекува дека шведски пратеници ќе патуваат со „мерцедеси“, додека во општеството се прават големи напори за изградба на разгранета железничка мрежа, како еден од најзначајните инфраструктурни проекти за модернизирање на општеството.

На каков начин размислуваат македонските политички лидери, обидувајќи се да наидат на какво-такво одобрување во јавноста при извршувањето на нивната значајна општествена функција, е прашање на кое многумина осиромашени и понижени граѓани без двоумење одговараат со цел арсенал погрдни зборови и неумерени критики. Токму позитивните примери, се разбира, доколку ги има, секогаш внесуваат позитивен штимунг меѓу оние кои сакаат да видат и да се уверат дека навистина постојат позитивни исчекори што даваат придонес кон градењето на заедничкото добро. Без тоа едно општество тешко може да функционира по каква било линија на прогрес.

„Одлепеноста“ на македонските политичари од граѓаните секако може барем делумно да се надмине, доколку се сфати дека свеста за развојните ефекти од една успешна политика може да се гради, пред сè, преку градење на имиџот – колку тоа и да звучи како рецидив од претходниот напуштен систем – на политичар со „нормален, човечки лик“. А кога станува збор за таква амбиција, преговорите и членството во ЕУ не се пресудни, па дури не се ни потребни. Тоа е домашна задача што треба претходно да се научи и да се апсолвира.

Ликот на Илва Јохансон, за жал, не може да се преслика и трансплантира во македонското девастирано општество. Секаков обид да се направи такво нешто сигурно би бил осуден на неуспех. Во секој случај, на Македонија и се очајно потребно политички ликови кои нема да поттикнуваат најдолни страсти, исполнети со јавашлак и ароганција. Но може ли да се верува дека со поткревање на свеста меѓу избирачите се создаваат и претпоставки за промена на власта и нејзино практикување од страна на оние кои се почесни и помалку корумпирани, и тоа во исто време кога мнозинството од оние кои критикуваат и се расфрлаат со пцости и тешки зборови на осуда на однесувањето на политичарите веројатно би го направиле истото, само доколку би им се укажала прилика за тоа? На пример, така што ќе го привлечат вниманието врз себе, излегувајќи триумфално од службено возило во пешачка зона во строгиот центар на градот, и покажувајќи со тоа, барем за миг, кој е „газда во куќата“.

Не е доволно само градење на свеста за значењето на политиката и парламентарните избори за развојот на нормални односи во едно општество. Потребна е, пред сè, промена на менталитетот, и тоа на целата општествена заедница.

Иднината ќе покаже дали е тоа воопшто можно. Бидејќи, за надалеку прочуениот балкански менталитет станува збор.

Поврзани содржини