ЏАФЕРИ ГИ РАСПИША ИЗБОРИТЕ ЗА 17 ОКТОМВРИ Партиската битка веќе е во тек

Бидејќи изборната кампања почнува дваесет дена пред денот на одржување на изборите, во тој период Собранието нема да има пленарни и комисиски седници, рече Џафери.

257

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ги распиша локалните избори, кои треба да се одржат на 17 октомври.

Решението за распишување на изборите ќе биде доставено до Државната изборна комисија, како и до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда.






– Денес го потпишав решението за распишување на локалните избори за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје, за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје. Според законските одредби, локалните избори ќе се одржат на 17-ти октомври  2021 година. Бидејќи изборната кампања почнува дваесет дена пред денот на одржување на изборите, во тој период Собранието нема да има пленарни и комисиски седници.На овој начин, им се овозможува на политичките партии и кандидати целосно да се посветат на изборната кампања, а во исто време да се одбегне можноста кампањата да се пресели во собраниската сала – рече Џафери.

Тој не ја исклучи можноста за свикување на итна собраниска седница во наведените 20 дена од кампањата доколку состојбата во државата го наложува  тоа.

– Од надлежните институции очекувам да обезбедат избори на ниво  кое се очекува од земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ. Апелирам до сите учесници во изборниот процес целосно да ги почитуваат Уставот, законите и да се однесуваат согласно Етичкиот кодекс, како и да осигурат дека кампањата и самиот ден на изборите ќе се одвиваат во духот на демократијата, фер изборен процес и еднаквост на сите граѓани – рече Џафери, посакувајќи им успех на сите кандидати за градоначалници и членови на советите.

На новинарско прашање дали се можни измени на Изборниот законик кој е во собраниска процедура и по него да расправа матичната Комисија за политички систем, Џафери рече дека  не очекува некој да иницира постапка за менување на правилата за изборите среде распишани избори, како и со оглед дека ДИК ќе треба да ги утврди роковите за спроведување на изборниот процес.

Поврзани содржини