АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ НЕМА ДА МОЖАТ ДА ШТРАЈКУВААТ Новиот предлог закон не предвидува плата за време на штрајк

Синдикатот на УПОЗ поднесе забелешки на Предлог законот за административни службеници од 16 страници.

2,673

Административците ќе штрајкуваат, но во деновите на штрајк нема да бидат платени, синдикатот веќе не е партнер на власта за преговори за правата на работниците, се овозможува вработување сè што е на лагер во политичките партии без посебни критериуми, тешко дека некој од административците ќе може да биде унапреден, но затоа има казни. За нив се утврдено е и 36-часовна работна недела.

Вака некако може да се сублимира тоа што се предвидува со новиот предлог закон за администрација поставен на ЕНЕР. Министерството за информатичко општество и администрација на него работи од ноември лани кога извести за потребата за изработка на целосно нов закон за административни службеници.






Од синдикатот на УПОЗ велат дека со овој предлогот на законот паѓа во вода сè што постигна синдикатот за подобрување на правата на работниците. Предлог законот, велат од синдикатот, во одделни делови е и  спротивен на Законот за работни односи и актеулниот закон за административни службеници.

– Предлог законот треба целосно да се преработи. Изненадени сме од текстот со кој сè што направивме изминатите години низ долги преговори за подобрување на правата на работниците паѓа во вода. Право на штрајк има, но не се плаќаат деновите во кои се штрајкува. Тоа фактички значи дека се забранува штрајк. Во делот на вработувањето е направен тотален хаос, а нема ни мотивирачки елементи за административците бидејќи нема унапредување и награди, но затоа има казни. Синдикатот во законот е исфрлен од преговорите. има и низа други нелогичности кои се обидуваме да ги исправиме – вели генералниот секретар на УПОЗ Трпе Деаноски.

Синидкатот веќе испрати забелешки на текстот од 16 страни и ќе инсистира да преговара до негово целосно усовршување.

Новиот закон за административни службеници го подготвува Министерството за информатичко општество и администрација од ноември лани, но предлог законот е поставен на ЕНЕР во септември годинава.

Во неговиот член 77 се предвидува „административниот службеник кој учествува во штрајк нема право на плата за деновите на штрајк“.

Во атуелниот Закон за административни службеници (член 97) е предвидено за деновите на штрајк да се плаќа 60 отсто од платата, што е предвидено и со Законот за работни односи.

Со ова, велат од УПОЗ, се крши правото на штрајк и определениот износ од 60 отсто од плата за денови на штрајк предвиден со Законот за работни односи и актуелниот Закон за административни службеници.

-Да, со тоа се сака да се спречи административците да го изразат незадоволството од одредени состојби во кои се кршат нивните права. Сакаат да ги демотивираат службениците да не штрајкуваат со тоа што велат – штрајкувате ама на своја сметка бидејќи нема да ви ги платиме деновите на штрајк. Тоа е спротивно на другите закони кои го овозможуваат правото – велат од УПОЗ.

Во новиот предлог-закон за административните службеници е и спорниот член 55 кој предвидува полното работно време на административните службеници да изнесува 36 часа неделно.

„Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено“.

Според актуелниот закон, администрацијата работи 40 часа неделно, во периодот од 7.30 или 8.30 часот до 15.30 или 16.30 часот.

Предложен е нов начин на оценување и наградување на административните службеници.

Административниот службеник кој ќе добие оценка дека „особено се истакнува“ или „се истакнува“ ќе биде награден со признание, до пет слободни денови или специјализирана обука. На оној, пак, што ќе биде оценет со „делумно задоволува“ ќе му биде изречена опомена и ќе добие ментор. Ако повторно биде опоменат, платата ќе му биде намалена еден месец за 5 отсто.

За вработување во администрацијата веќе не е услов познавање на странски јазик, што е несоодветно во услови кога земјава се надева на преговори со ЕУ.

Дали овој предлог на закон ќе го помине собранискиот филтер допрва треба да се види, но ако се донесе како што е предложен ќе предизвика реакции во јавноста зашто наместо да ги подобрува правата на работниците ги намалува и не е во согасност со Законот за работни односи.

Бројот на вработените во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2020 година изнесува 131.183 лица. Тие својот работен ангажман го реализираат во вкупно 1.332 институции.

Поврзани содржини