Адеми во нервоза кажал дека нема да признае попис ако Албанците бидат под 20 отсто, ДУИ е за кредибилен процес

И пратеникот на ДУИ Арбен Зибери потврдува дека партијата нема став дека пописот нема да го признаат ако Албанците се под 20 отсто. Тој вели дека ДУИ не подготвува терен за да пропадне пописот. Напротив Зибери е дециден дека попис во април ќе има.

3,413

ДУИ е заинтересирана да се одржи кредибилен попис кој ќе ги одрази реалните бројки на сите етнички заедници во државата. Ова за Плусинфо го изјави пратеникот Арбр Адеми од ДУИ, кој во гостување на ТВ21 претходно изјави дека нема да го признае пописот ако Албанците се под 20 отсто.

Адеми вели дека неговиот одговор бил даден на провокативно прашање од Алијансата за Албанците дали ќе прифати ако пописот покаже дека Албанците се 19 отсто. На тоа тој одговорил дека никогаш нема да прифати таков резултат од пописот. Тој потенцира дека тоа не е став на ДУИ. Тој, но и функционери со кои контактираше Плусинфо уверуваат дека пописот ќе се спроведе и дека ставот на партијата на Али Ахмети е пописот да ги рефлектира реалните бројки на сите заедници кои живеат во Македонија, вклучително и на Албанците, без притоа да се лицитира со какви било бројки, ако искрено се сака да успее целиот процес. Сепак, Адеми останува на ставот дека според бројот на запишани ученици, Албанците би требало да бидат над 30 отсто.






– Тоа е личен став на Адеми, не на ДУИ. За да биде став на партијата треба да се состанат Централното претседателство или Централното собрание, но досега партиските органи не расправале за тоа. Не разбирам зошто има потреба да се лицитира со бројки. Колку Македонци, Албанци и други живеат во Македонија ќе покаже пописот. Не треба да се калкулира со бројки, бидејќи тоа може да го девалвира целиот процес, а тоа не знам кому би му одело во прилог. По 20 години конечно треба да се спроведе пописот без разлика што ќе покажат резултатите. Резултатите од пописот треба да ги прифатиме сите за доброто на државата – вели висок функционер од ДУИ за Плусинфо.

И пратеникот на ДУИ Арбен Зибери потврдува дека партијата нема став дека пописот нема да го признаат ако Албанците се под 20 отсто. Тој вели дека ДУИ не подготвува терен за да пропадне пописот. Напротив Зибери е дециден дека попис во април ќе има.

– Пописот нема да пропадне. Макотрпно и долго работевме на законот за попис и отстранети се сите недоследности од законот за попис во 2011 година. Законот неделава ќе го изгласаме во Собранието и попис во април ќе има. ДУИ е на став дека пописот треба да ја отслика реалноста во државата – ни изјави Зибери.

Изјавите дека Албанците не само што не се под 20 отсто, туку дека се над 30 или 40 отсто во државата од албанскиот политички блок беа лиферувани и пред пописот во 2011 година, кој една недела пред крајот беше сопрен, а резултатите поништени. И тогаш како и сега Адеми, но и од албанската опозиција за процентот на Албанците во Македонија се повикуваа на податоци од Министерството за образование, за бројот на запишани ученици. Во 2011 година повкувајќи се на тие податоци ДУИ тврдеше дека Албанците се над 33 отсто, а ДПА дека се над 40 отсто.

Во дебатната емисија на ТВ21, Адеми изјави дека кога министерувал со ресорот образование бројот на учениците за учебната година 2017/18 е 121.272 Македонци, односно 64,22 отсто и 60,709 Албанци, односно 32,15 отсто. Од приложените бројки на Адеми впечатливо е дека се повторува информацијата која и во 2011 година пред пописот ја лиферуваше ДУИ дека Албанците се околу 33 отсто во државава.

Разликата од тогаш и сега, е дека ДУИ, барем во официјалните изјави е на позиција дека пописот во април треба да се спроведе и дека тој треба да ја одрази реалната состојба во државава.

Наспроти владеачките СДСМ и ДУИ кои се децидни дека попис ќе има, ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со законот за попис, според кој ќе се попишуваат и нерезистентните граѓани и најави дека нема да ги признае резултатите. Напротив, ВМРО-ДПМНЕ чека доколку законот за попис помине во Собранието да ја почне постапката за собирање граѓански потписи за да го поништи законот за попис. Според ВМРО-ДПМНЕ власта токми фалсификат попис.

Поврзани содржини