„АБЕР ДОЈДЕ ДОНКЕ“ ЗА 30 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ Заев објави емотивно видео со историски настани (ВИДЕО)
Да за независност и ДА за суверенитет. Тоа беше уште едно храбро и одлучно соочување со историјата и со околностите кои се закануваа да ја втурнат земјата во воен конфликт, напиша Заев на Фејсбук.
Со видео од најважните моменти од историјата на независна Македонија и „Абер дојде Донке“ во изведба на Влатко Стефановски, премиерот Зоран Заев ја честиташе 30-годишнината од независноста на Републиката.
– Стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја. Пред 30 години, на 8 септември, идеалот, кој за многу генерации беше само мечта, после 46 години државност во рамките на сојузот на поранешните југословенски држави, стана реалност. Народот на тогашна Република Македонија донесе историска одлука на референдум, и со масовна излезност рече – Да за независност и ДА за суверенитет. Тоа беше уште едно храбро и одлучно соочување со историјата и со околностите кои се закануваа да ја втурнат земјата во воен конфликт – напиша Заев на Фејсбук.
Но и во еден таков период, вели премиерот, дојде до израз силната верба во перспективата за нов почеток, за подобар живот и за подобра иднина во независна, во своја држава.
– Народот го сочува мирот во земјата и ја прогласи за самостојна својата држава. Токму нам, на сегашните генерации ни припадна историската чест, но особено одговорноста, да ја освоиме независноста и да ја зачуваме и развиваме македонската држава. Како држава која е создадена со праведна борба, како држава која достоинствено и без насилство ја освои и својата независност, нашата земја се стекна со посебен углед во светот и се стекна со доверба за да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западно-европскиот демократски цивилизациски круг – вели Заев.
Според него, Македонија денес има сосема независна европска држава, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите граѓани.
– Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите. Едно, единствено и еднакво – напиша Заев.