ЏАБЕ СИ ДОБАР СЕЛЕКТОР АКО ИМАШ АМАТЕРИ ВО ТИМОТ Може ли Ковачевски да се ослободи од „аманетот“ на Заев?

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски со фудбалски речник објаснува дека многу тешко ќе му биде на Ковачевски да ја освои титулата во Лигата на шампионите во ситуација кога неговиот тим го сочинуваат фудбалери од втората македонска лига.

4,611

Врз грбот на новиот мандатар Димитар Ковачевски тежнее проблемот што му го остави во аманет поранешниот премиер Зоран Заев, коментираат политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо.

Тие сметаат дека новиот мандатар е жртвено јагне на транзитниот период во кој се очекува доаѓање на комплетно нови луѓе во владата и во СДСМ, а како што предвидуваат, мандатот на новиот премиер ќе трае најдоцна до март или до април следната година кога се очекува формирање експертска влада.






Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски со фудбалски речник објаснува дека многу тешко ќе му биде на Ковачевски да ја освои титулата во Лигата на шампионите во ситуација кога неговиот тим го сочинуваат фудбалери од втората македонска лига.

– Доколку претходното раководство беше доволно квалитетно, ќе ги решеше проблемите. Но, во најтешките моменти, раководството се откажа и му ги препушти сите проблеми на Ковачевски. Претпоставувам дека новиот лидер на СДСМ и новиот мандатар е само жртвено јагне во овој случај. И јас лично не верувам дека Ковачевски ќе го истера премиерскиот мандат до крај – објаснува Пекевски.

Тој вели дека земјава ја очекува цунами на секое поле – и на политичко, и на економско, и на граѓанско ниво.

Тоа што ни се случува сега со енергетската криза и со драстичното зголемување на цените на производите, автоматски создава спирала која за брзо време ќе ни рече „кого удрам, не жалам“.

Синиша Пекевски Политички аналитичар

– Излезот ќе биде во формирање експертска влада. Не можеш со стари кадри да водиш добра политика. Не можеш со фудбалери од втората македонска лига да се надеваш на титула во Лигата на шампионите. Ако претходното раководство имало капацитет да се справи со енергетската, економската, па и со здравствената криза, немаше сега ние да бидеме во оваа ситуација. Според мене, Ковачевски за некаков бенефит прифатил да ја преземе партиската и премиерската функција, но допрва ќе видиме за каков бенефит станува збор. Но, сигурно е дека и како лидер на СДСМ и како претседател на владата, Ковачевски нема да трае долго. Ова е само транзитен период во кој се очекува доаѓање на комплетно нови луѓе во владата и во партијата. Тоа што ни се случува сега со енергетската криза и со драстичното зголемување на цените на производите, автоматски создава спирала која за брзо време ќе ни рече „кого удрам, не жалам“. Затоа тие инсистираат на минимална плата од 18.000 денари за препокривање на основните трошоци за живот. Тоа значи дека ќе има нови отпуштања, а стопанството нема да може да го издржи сето тоа што не е по пазарен принцип. Јас лично очекувам во март или во април следната година да имаме експертска влада – изјави Пекевски.

Според политикологот Димитар Христов, постојат огромни шанси премиерскиот мандат на Ковачевски да биде прекинат со предвремени парламентарни избори.

– Првото нешто што ми паѓа на памет е дека новиот мандатар Димитар Ковачевски ќе биде продолжена рака на експремиерот Зоран Заев. Но, ајде ќе се обидам да не бидам песимист. Новата влада нема да наиде на легитимитет кај граѓаните, а најмногу поради новите имиња што ќе ги запоседнат владините кабинети. Изгубениот легитимитет секако дека ќе ѝ всади крилја на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која повторно ќе бара предвремени парламентарни избори. Ковачевски ќе мора да подлегне под притисокот и избори би требало да ни се случат и порано од очекуваното. Не верувам дека Ковачевски ќе успее да го истера мандатот до крај – објаснува Христов.

Од друга страна, поранешниот функционер и пратеник Имер Селмани, во изјава за Плусинфо вели дека очекувањата се новата влада да го продолжи курсот на активната борба против сиромаштијата, но како што посочува, не треба да се очекуваат чуда затоа што чудата не постојат.

– Очекуваме новата влада на чело со Димитар Ковачевски активно да се бори во однос на сите стратешки прашања кои се приоритет за државата. Тука е борбата против пандемијата, големата смртност, а освен економскиот, социјалниот и здравствениот предизвик, новата влада треба активно да продолжи да бара решение за проблемот со Бугарија со цел отворање на преговорите со Европската Унија. Не треба воопшто да се потценуваат очекувањата на граѓаните дека новата влада, којашто е новокомпонирана во смисла на нови кадровски решенија, ќе понуди стратегија и активен акционен план за функционирање на правната држава, на законите, на судството – објаснува Селмани.

Имер Селмани: Успехот на целата влада нема да биде само успех на Ковачевски, исто како што и неуспехот на целата влада нема да биде само неуспех на Ковачевски

Тој вели дека владата не ја сочинува само еден човек и дека евентуалните идни неуспеси не треба да му се припишуваат само на премиерот.

– Димитар Ковачевски е само лидер на најголемата политичка партија во владината коалиција. Договорот за мнозинство во суштина лежи во договорот помеѓу Ковачевски, Али Ахмети и Африм Гаши. И затоа не треба целиот товар да се става на грбот на Ковачевски. Функционирањето на владата е функционирање на тимот. Како ќе функционира тимот, најмногу зависи од персоналниот избор и од решенијата кој човек ќе биде поставен на некоја функција. Мислам дека новата влада треба да добие шанса, бидејќи не само што имаме освежување во раководството на СДСМ, туку имаме и нов коалициски партнер Алтернатива, којшто раководи со неколку ресори и со неколку директорски места. Би рекол дека, во суштина, добиваме над 50 отсто освежена влада. Иако Ковачевски никогаш не бил на некоја врвна функција, јас многу го ценам тој човек и очекувам дека вистински ќе се обиде да ги реши сите проблеми и да се справи со сите предизвици. Успехот на целата влада нема да биде само успех на Ковачевски, исто како што и неуспехот на целата влада нема да биде само неуспех на Ковачевски. Функционирањето на владата е тимска работа – објаснува Селмани.

Според првичните информации, утре би требало да биде „денот Д“ за давање мандат на новиот мандатар Димитар Ковачевски, истакна денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Тој смета дека реално е да се очекува утрото на 17 јануари новите и ново-старите министри да бидат на работните места.

– Откако претседателот ќе му го додели мандатот на Ковачевски, Собранието треба да биде известено и да почнат да течат роковите. Максимумот е 20 дена, но јас не очекувам мандадарот да го искористи до крај овој рок. Сметам дека до 10 или 11 јануари во Собранието би стигнал предлог-составот на новата влада, како и програмата. По консулатациите со пратеничките групи, седницата за избор на нова влада би можела да се закаже за 15 јануари, а до крајот на денот на 16 јануари таа и да се избере – изјави Џафери.

Поврзани содржини