Поднесен е обвинителен предлог против 25-годишен скопјанец осомничен дека на 3 октомври, во Кисела Вода, сторил кривично дело „телесна повреда“ според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик кон неговата сопруга, информира Основното јавно обвинителство Скопје.
„Обвинетиот дошол пред влез на зграда на улицата Пушкинова и првин со висок тон започнал да ја навредува оштетената. Потоа и физички ја нападнал, ја влечел за косата, ја изгребал, ја гризнал и ја зграбил за вратот, нанесувајќи и телесни повреди. И го одзел телефонот, упатувајќи закани дека ќе ја убие и ќе избега со нивната заедничка ќерка. Жртвата успеала да се оттргне и да избега од местото, засолнувајќи се во влез од зграда“, се наведува во соопштението.
Јавниот обвинител до Основиот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.