ЈА РАЗБИРАМ ВАШАТА НЕРВОЗА Според Митрески опозицијата не знае што прави поради одлуката од Стразбур

Меѓу себе си реплицирате, со вашиот коалициски партнер. Се мислевме дали го чекате вашиот вистински лидер Апасиев да дојде и со него да си реплицирате, додаде Митрески.

325

ВМРО-ДПМНЕ не знае што прави во Собранието, јасно е дека целата нервоза е поради одлуката од Стразбур, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски вечерва од собраниската говорница.

– Вчера цело време забележувате зошто работиме до 18 часот и велевте дека морате да реагирате затоа што таква ви е насоката од партијата. Денеска велите зошто работиме после 18.00 часот. Не знаете што правите. Ја разбирам нервозата на ВМРО-ДПМНЕ а таа е поврзана до одлуката од Стразбур – рече Митрески.






Координаторот на пратеничката група на СДСМ посочи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ наместо дебата и издржана дискусија само одолговлекуваат, реплицирајќи си меѓу себе, со Левица, со нивниот коалициски партнер.

– Меѓу себе си реплицирате, со вашиот коалициски партнер. Се мислевме дали го чекате вашиот вистински лидер Апасиев да дојде и со него да си реплицирате – додаде Митрески.

Тој побара 1 час пауза за ВМРО-ДПМНЕ да се договори што ќе прави

– Бидејќи не може да се договорите што ќе правите и што правите, барам 1 час пауза за да може меѓу себе да се договорите што ќе правите – посочи Митрески.

По претходната пауза, во 21.30 часот седницата продолжи со обраќање на координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ Никола Мицевски, кој се осврна на изјавата на вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународни односи во СДСМ, Бојан Маричиќ, како што рече, кој ја обвинува опозицијата дека нема аргументи и го блокира Собранието и не може да се избере Влада.

Мицевски порача дека Собранието е единственото место каде треба да се спротивстават аргументите.

– Во салата има три пратеници од СДСМ, од партијата од која доаѓа вицепремиерот. Контрадикторни сте. Од една страна обвинувате за блокада од опозицијата, а од друга страна вие пред 10 дена на една национална телевизија рековте дека Собранието работи и сме донеле 374 закони, 140 одлуки, 20 ратификации. Работиме или не. Не сум јас крив што вие пуштивте празна апликација за разрешување на луѓе за кои пред една година зборувавте дека оваа е Владата и со овие луѓе прогресот ќе дојде – рече меѓу другото Мицевски.

Седницата почна пред четири дена, а треба да се заокружи расправата по првата точка – предлогот за разрешување членови на Владата, на досегашните министри за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи. Тие се кадри на Алтернатива која ја напушти владината коалиција и ќе бидат заменети со министри од Алијанса за Албанците, новиот коалициски партнер во Владата.

Вечерашната дебата ја одбележаа обвинувања од опозициските пратеници за економско, национално и културно предавство, за корупција, уништен здравствен и образовен систем, како и критики за откажувањето на еврообврзницата и за „пазар три коалиција“.

Поврзани содржини