ЈА ПРЕТЕПАЛ СОПРУГАТА, ПА НАПАДНАЛ И ПОЛИЦАЕЦ Приведен пензионер од Валандово, одземени пиштоли и муниција

По пријава за семејно насилство, полицијата во домот на осомничениот пронашла повеќе парчиња нелегално оружје и муниција.

133

72-годишен жител на Валандово бил уапсен откако физички ја нападнал сопругата, а при интервенцијата агресивно се однесувал и кон полицијата. Во неговиот дом подоцна било пронајдено и нелегално оружје.

Инцидентот се случил вчера попладне, кога припадници на Министерство за внатрешни работи постапиле по пријава дека мажот околу 16 часот во семејниот дом ја нападнал својата 68-годишна сопруга и ѝ нанел телесни повреди.






При интервенцијата, осомничениот агресивно се однесувал и кон полициските службеници и нападнал еден од нив. Поради тоа, веднаш бил лишен од слобода и задржан во полициска станица.

Со негова согласност бил извршен претрес во неговиот дом, при што полицијата пронашла три пиштоли, една ловечка пушка, 45 куршуми и седум ловечки патрони, кои ги поседувал нелегално.

За случајот бил известен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Гевгелија, а по целосно документирање на настанот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Поврзани содржини