ЈА НОСИТЕ КОЛАТА НА СЕРВИС, А СИ ЈА ВРАЌАТЕ БЕЗ КАТАЛИЗАТОР! Механичари ги „колат“ муштериите без тие да забележат
Претходно граѓаните беа ограбувани од страна на добро уиграни крадци кои користејќи голема клешта за сечење арматура, брзопотезна дигалка позната како „алигаторка“ и рачна електрична брусилка за 2 до 3 минути го вадат катализаторот и бегаат.
Катализаторите во автомобилите, поради скапите метали платина, паладиум и родиум, се привлечна мета за крадците во Македонија веќе неколку години, но според нашите информации трендот сега од улиците се префрли во механичарските работилници, каде главни „оператори“ се механичарите или нивните чираци.
Во разговор за Плусинфо, скопјанецот Влатко ни раскажува дека во некој од сервисите каде што го носел своето возило, останал без вредниот катализатор, а притоа тој воопшто не ни забележал дека му недостасува.
– Имам нова кола, лично си ја купив од продавница пред неколку години. Слушнав дека катализаторите држат добра цена на пазарот и одлучив да го продадам катализаторот и да заработам лесни 200 евра. Ја однесов колата на мајстор за да го извадам катализаторот, а катализаторот го немаше. Некој, некогаш, го извадил без мое знаење. Сум ја оставил колата на сервис, а тие ми го извадиле катализаторот. Искрено не знам кога го сториле тоа, дали уште во овластен додека ја носев или на друг сервис откако ми истече гаранцијата – ни раскажа скопјанецот Влатко.
Претходно граѓаните беа ограбувани од страна на добро уиграни крадци кои користејќи голема клешта за сечење арматура, брзопотезна дигалка позната како „алигаторка“ и рачна електрична брусилка за 2 до 3 минути го вадат катализаторот и бегаат.
Но шемата е поинаква кога во игра се механичарите коишто во сервисите го вршат вадењето на катализаторите без притоа „жртвата“ да забележи дека му недостига овој дел од нивниот автомобил, вреден на црниот пазар.
– Точно е дека од механичарите ги крадат катализаторите, барем според муабетите што ги имам слушнато. Ќе го оставите возилото да ви го променат маслото или да ви отстранат некој друг дефект и токму тогаш може да останете без овој дел. Има катализатори кои се отстрануваат со неколку навртки и за вадат за 2-3 минути или пак го сечат и на негово место заваруваат цевка, па така нема да забележите никаква промена во звукот на автомобилот, за разлика од оние кога ги крадат по паркинзите, тогаш сопственикот на возилото уште со самото стартување може да слушне силна бучава и да знае дека останал без катализатор – вели за Плусинфо еден механичар од Скопје, кој сакаше да остане анонимен.
Едноставно, поради ниската поставеност на катализаторите на возилата, поточно тоа е најдолната точка на автомобилот до асфалтот, заштитата на овој уред од кражба е речиси невозмножна. Кај автомобилите кои имаат зголемено растојание од земјата, во странство се одлучуваат за вградување на тенок метален панел кој ќе биде прицврстен за шасијата, па поради неможноста лесно да биде отстранет ќе ги одврати крадците и со тоа да се спасите од кражба.
Крадењето катализаторите стана актуелно за време на ковид-пандемијата кога производителите на автомобили имаа голем проблем при испораката на металите, бидејќи имаше застој во бродскиот транспорт поради ограничувањето на движење во повеќето земји. Кризата продолжи и со конфликтот во Украина и економската криза која го зафати светот, а тоа доведе до енормно зголемување на цените на металите на светските берзи.

Како што објаснуваат познавачите на возила, не секој катализатор е подеднакво богат со благородни метали и заработката зависи од тоа.
На пример, најмалку ги има кај бензинските мотори 1,8 грама платина, 1,7 грама паладиум и 0,18 грама родиум. Дизелите имаат четири до пет грама платина во зависност од моделот, додека јапонски коли поради строгите регулативи во земјата имаат сѐ повеќе и има повеќе, па кај нив заработката за крадците е поголема. Највредни се секако камионите, каде има по 20 грама платина.
Цената на еден грам на берзата во евра лани значително поголема од моменталната, но сепак е сѐ уште висока па така еден грам платина e 29,39 евра, цената на грам паладиум е 42,90 евра и родиум е 283 евра.
Според нашите информации, дел од украдените катализатори се препродаваат на откупувачите на метали, додека другите завршуваат кај сервисерите за ауспуси. Засега немаме потврдена информација по која цена се откупуваат украдените катализатори.
Инаку, катализаторот е уред кој ги претвора емисиите од моторот во безбедни гасови пред да бидат испуштени од возилото, со што се намалува загадувањето на воздухот.
Побаравме податоци од МВР во врска со овие кражби, дали некој од крадците завршил зад решетки и каде завршуваат украдените делови, а исто така дали и некои граѓани пријавиле дека останале без катализаторот во некој од сервисите, но не добивме одговор.