А ние страдаме…

Последен час е да сфатиме: Сѐ се движи кон ново рекомпонирање на тоа што останало од АСНОМ-ска Македонија, без која Македонците – нема да опстоиме. Потребна ни е акција! Отпор! Нека сфати Западот дека како Македонци, нашите работи и ние сакаме да ги гледаме преку сопствениот интерес. За туѓ интерес, колку и да сме притискани и омаловажувани,  нема да отстапиме од своето, и да завршиме  како пуштени низ вода.

2,000

Тоа што Косово има некои, два-три башка сорта Срби во владата за да ги реализира про-западните натовски, а воедно и големоалбански цели, ДУИ, во македонската држава, исто така, има свои избор Македонци – јаничари, главени  подопашкари, со кои успешно ја  реализира зелената дуизацијата, која има своја допирна точка со бугарската агресорска, геноцидна политика, како заедничка, своевидна – фашизоидна европеизација на македонската земја.

Македонците кои „трпеливо трпат“, мрморејќи си пред сопствениот нос за апла агресивните Албанци и Бугари кои отворено ја рекомпонираат државата по сопствен ќеф, ако кренат глас, завалиите, да бараат, да си повратат некои од своите изгубени права во сопствената држава која егзистира како апартхејд, веднаш се нападнати и исшутирани од дневниот ред, со образложен текст за говорна омраза,  национализам… па дури и тероризам!






Амааан! Да… даа!

Ако сте заборавиле, Македонци, потсетете се пред истекот на оваа несреќна 2022 година, дека од домашните јаничари и амнестираните качаци кои ја нападнаа македонска земја за да отцепат дел од неа, и убиваа македонски бранители, раселуваа Македонци од своите огништа… како во времето кога дел од Македонија беше под фашистичка балистичка окупација, дочекавме, без вина да  прогласат за виновни и осудат наши чеда Македонци, кои страдаат во македонски затвори! Како политички затвореници – терористи?! Одново, сега, ама во нашите затвори се пее подзаборавениот пев на подамнешните наши револуционери –  Македонци, кои по туѓи зандани, не смеејќи гласно, низ нос ги гласеа акордите на тажната Македонска родољубива песна: „…А, нииие страаааадамее…“

Значи, ни се случува повторка и повторка! Се разбира, по наша вина… Живееме под политичка, економска, културна и територијална окупација – ропство, кое ни се наметна како модерна демократска замена за слобода. Каква иронија! Кај нас се пропагира како демократија внатрешниот тероризам. закитен со криминална кокарда, поддржан од надворешниот, поистоветен со  хуманизмот! Чиста шизофренија која сѐ повеќе во светот се пласира од моќниците, а за жал и прифаќа од потклекнатите, како здрав разум….

Таквата инструментализирана политика е лансирана и поддржана од Вашингтон и од Брисел, и од тоа дарување се загрозени највисоко опстојните – идентитетски  вредности на македонскиот народ, а тоа е – државата Македонија по чија територија се идентификуваат јазикот, името (од кое мора да го скинеме нестварниот северџански додаток), како и историските, културни, социјални тековини, кои се непобитен дел од македонската колективна свест.

Последен час е да сфатиме: Сѐ се движи кон ново рекомпонирање на тоа што останало од АСНОМ-ска Македонија, без која Македонците – нема да опстоиме. Ако и понатаму, потклекнати, со поклонение го аминуваме и прифаќаме наметнатото од друг, и продолжиме да го трпиме  насилството кое отворено и сѐ позасилено се врши врз нас,  наскоро и тоа ќе го дочекаме – ќе се самоуништиме.

Сфатете, народе – сепаратизмот е на цена, а тоа е борбата за укинување на македонската држава. Согласете се и со мене, дека  – доста е! Крај ставаме на неодговорното наше попуштање на домашните јаничари, предводени од пресоблечените качаци! Така!? Не само дрдорење од мене – тебе… Потребна ни е акција! Отпор! Нека сфати Западот дека како Македонци, нашите работи и ние сакаме да ги гледаме преку сопствениот интерес. За туѓ интерес, колку и да сме притискани и омаловажувани,  нема да отстапиме од своето, и да завршиме  како пуштени низ вода.

Сѐ е поврзано! Протекторатот Косово е центарот на трансферот со наркотици, но и на жилавиот балкански тероризам. Од таму се шири опачната хуманитарна мисија во Македонија и во Србија, која се наоѓа во неподнослив политички притисок и закани… исто како и ние, за туѓи окупаторски цели да се откаже од самата себе и од своето. Мозокот на таквиот тероризам е Вашингтон, кој преку НАТО, со амин на Европа, го отцепи Косово, ќефлиски ја избомбардира, од наша територија, Србија, за да се свестат не само Србите, туку и наоколу… И  го  држи под надзор поширокиот терен за свои агресорски цели, посебно кон исток, со помош на косовските до заби наоружани терористи и македонските криминално здружени владетелски банди.

Не само Македонија, целиот Балкан врие како котел врз распален оган, и не од сега… Пареата која се шири од него го бележи теренот и правецот на можното  излевање, и додека се лади, зад себе да остави поклопено, попарено. Поради геостратешката поставеност, Балканот бил и е, и секогаш ќе биде цел на освојувачите. Поради тоа, Вашингтон ја рашири шепата врз него и не дозволува во него да се појави политичка, воена и економска сила каква што беше Југославија, која се создаде во срцето на балканскиот простор и во Европа, за да стане орбита во планирањето и учеството во распарчувањето на многу делови со насилни поделби – држави, енклави, гета и резервати, на етнички, верски и други групи, со новобалкански граници кои по потреба се градат и разградуваат, и национални ентитети и идентитети кои за да служат на моќниците се бришат и создаваат. Таа вистина веќе ја следиме: Америка ја продолжи Хитлеровата геноцидна политика врз православните Словени, со намера да ја раздроби Русија, а со тоа и нејзината православна црква, со кое нешто се сложува и Ватикан, а Украина распарчена каква што е, стигна да ја забрани православната црква. Да се разбереме – не се води верска војна. Има само религиски интереси.

И соседното Косово, кое со благослов на НАТО, како со црево се поврза –  територијално, одбранбено и политички со власта во Македонија, сега, преку Курти – кој откако се слика со картата на г. Албанија окачена на шлицот од панталоните, осилен, заинтересиран, ја обнови хитлеровата  геноцидна замисла, дека на православните Словени на Балканот – Србите, Македонците, Црногорците, треба брзопотезно да им се најде чарето. Таа чистка ја  започна Хитлер, ама времето го прегази. Обновениот  фашизам на сите овие простори, од кои никогаш не се ни повлекол, го окуражи Курти, инспириран од Зелениот, пред Божиќните празници, да го „укине“ православјето во светата српска православна земја, врз која како натрапник гази, и да ги оневозможи Србите да го обележат Христовото рождение, со верски обреди, во светилиштето во Пеќ. Причина? Антихристот тврди дека „…православниот фундаментализам на Балканот е раширен и опасен, и загрозува преку Руската фашистичка продолжена рака – терорист бр.1!“, дотолку што „навалниот православен фундаментализам, кој е раширен на Балканот, е поопасен од муслиманскиот фундаментализам!“

Има добра причина Курти да се запени и против православието! Тоа му пречи Косово и Метохија да се третираат за албанска земја. Многу добро знае, а знае и Америка, дека тоа не е можно, од проста причина што – за обичниот Србин, тоа е прашање за националниот идентитет. Зошто? Затоа што, како што е заведено во катастарот: 15% од тој отцепен српски дел е Северно Косово, а останатото – 85% земја, е сопственост на српската православна црква, каде се наоѓа и Пеќската патријаршија, со стотици духовни објекти во сопственост на црквата, како творба на српската средновековна култура – српска света духовна држава, која никогаш не ќе може да се нарече албанска.

Главната стратешка подготовка Америка ја постигна. Ги лоцира своите натовски поврзани бази (Бондстил, Криволак) токму во срцевината на некогашната Југославија, како контрола и идна дестинација кон Русија и кон Блискиот Исток. Тој филм сега го гледаме…

Значи, тенденцијата е само еден систем да функционира во светот – експлоататорскиот капитализам, со што, и историјата да завршува со нивната наметната ропска и цинична глобализација на светот, преку инструменталните подвидови, вклучително – неонацизам, расизам, екстремизам, униполарен поредок. Како и ништење на духовните вредности кои се битот на човековата опстојба и смисла на постоење, со замена за материјализирани вредности – парите, со нив силата и моќта да се владее со другиот. Крајно, човекот да егзистира само како материјално суштество, а во светот да се разори и замени традиционалното институционално семејство со виртуелна реалност, екстремен индивидуализам, родова деструкција, универзален надзор, сатанизам…

Тоа ни се наметнува и на нас, во нашата Македонија!

Македонци! Ви ја честитам Новата 2023 година, со песната „Никогаш северна“. Пуштете ја, слушнете ја прекрасната содржина и незаборавниот пев на нашиот млад Македонец, личниот пејач – Дамјан Стојановски.

Поврзани содржини