А, НИЕ ДА ВИ ЈА СПОРИМЕ БУГАРСКАТА „ВИСТИНА“? Илија Димовски ги прашува Бугарите загадочни прашања

На кој јазик зборувале Бугарите кога дошле на Балканот? Како тоа вашиот јазик го нарекувате бугарски кога тој не е тоа, има словенски корен и потекло, а не бугарски? Само 10 бугарски зборови има во бугарскиот јазик. Дали вашето прво царство е словенско или бугарско? Дали културолошки и цивилизациски со потекло сте Словени, Траки, Мизи или Бугари?, прашува Димовски.

3,959

Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во еден долг пост, во 19 точки ги прашува Бугарите  за нивната наводна историска „вистина“. Тој е згрозен од фактот што Бугарија во 21 век сака да го оспорува идентитетот на македонскиот народ, но потоа почнува со загадочни прашања за нивниот идентитет. Еве што напиша тој:

„Бугарија во 21 век сака да зборува за историја… Бугарија во 21 век сака да зборува за нашиот народен идентитет… Бугарија во 21 век сака да го оспорува идентитетот на Македонскиот народ… Бугарија во 21 век секојдневно го оспорува македонскиот јазик… Срамота!






Оттука натаму има две патеки: Првата, да научите дека за тоа не сакаме да зборуваме… Втората, ако веќе инсистирате немојте да мислите дека ние немаме прашања за вас и вашата историска “вистина“… За почеток еве само малку прашања и дилеми на кои и вие ќе мора да одговорите:

  1. На кој јазик зборувале Бугарите кога дошле на Балканот?
  2. Како тоа вашиот јазик го нарекувате бугарски кога тој не е тоа, има словенски корен и потекло, а не бугарски? (Само 10 бугарски зборови има во бугарскиот јазик)
  3. Дали вашето прво царство е словенско или бугарско?
  4. Дали културолошки и цивилизациски со потекло сте Словени, Траки, Мизи или Бугари? (Сите четири многу различни едни од други)
  5. Дали вашето второ царство е словенско или влашко?
  6. Дали вашите преродбеници зборуваа дека сте наследници на Александар Македонски? (Паисиј Хиландарски на пример)
  7. Дали до 1850 година во поголем дел од Бугарија населението се пишувало за грчко, а на северо-западот за српско? (Видете ги турските пописи)
  8. Дали вашата револуционерна организација е воспоставена на територија на Романија и Србија? (Е таму е, а не во Бугарија)
  9. Дали вашиот народен херој Георги Раковски имал и српско и грчко име и презиме и себеспознавање? (Поповиќ на пример, како што е роден)
  10. Зошто Бугарија не даде помош на Кресненското, Разловечкото и Илинденското востание? (Вашата армија не се интересираше, а нели викате дека сме еден народ)
  11. Дали Бугарија го потпиша Букурешкиот договор за распаѓање и поделба на Македонија?
  12. Дали ги предадовте најголемиот дел од Македонците во владеење на Грција и Србија?
  13. Дали во Првата Светска Војна вашата армија употребуваше неконвенционално оружје бомбардирајќи ја Битола?
  14. Дали и зошто Ополчението во Првата Светска Војна во тек на војната го пративте да војува на Тракија, а не во Македонија?
  15. Дали во вашиот Парламент уште пред Втората Светска Војна има дебати, дискусии и признанија за посебноста и засебноста на Македонскиот народ и јазик?
  16. Дали во Македонија имаше отпор и војна помеѓу Македонците, предводени од партизанските одреди кои носеа имиња на Илинденците, од една страна и бугарската армија од другата страна?
  17. Зошто во Бугарија се пеат македонски песни, а во Македонија никогаш не се пееле песни за Ботев, Левски, Раковски, Стефан Караџа, за Русе, Видин, Габрово?
  18. Зошто во нашиот фолклор и преданија никогаш ги немало Аспарух, Асен, Ботев или Левски?
  19. Дали во историјата во последните 10 века има записи за населувањето на Бугари во Македонија или па сосема обратно, има населување на Македонците во Бугарија?

И уште многу други прашања…

П.С. Ние сакаме да соработуваме и да одиме напред кон иднината, ама немојте да мислите дека сме спремни да бидеме нечии вазали и прислужници, зошто нашите од минатото рекле: “Ние Македонците не сме Срби, ни сме Бугари, ами просто Македонци!“, вели Илија Димовски во својот фејсбук-пост.

Поврзани содржини