„Аџибадем Систина“ нема да нуди неодобрен и непроверен третман за ковид-19
Досега, во светски рамки не постои препорачан концепт на лекување на пациентите со ковид-19 кој го вклучува методот на хемофилтрација. По темелни истражувања на оваа тема не наидовме на ниедно експертско, стручно мислење или доказ дека лекувањето со хемофилтрација е препорачан или ефикасен метод за општа употреба, а уште помалку дека истиот е медицински докажан и оправдан - се вели во соопштението од „Аџибадем Систина“,
Во последниот период се презентирани низа случаи во јавноста за успех во лекувањето на пациенти со ковид-19 со примена на хемофилтрација во друга приватна болница кои предизвикаа реакции, прашања и оправдан интерес за реалната ефикасност на овој експериментален третман кај пациентите болни од ковид-19 – соопштија денеска од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Во однос на ова прашање, од името на групацијата „Аџибадем“, од целиот стручен тим на „Аџибадем Систина“, сите реномирани, докажани специјалисти во своите области и како болница која секогаш обезбедува врвна грижа и беспрекорен третман за своите пациенти имаме одговорност транспарентно да се обратиме до јавноста.
Досега, во светски рамки не постои препорачан концепт на лекување на пациентите со ковид-19 кој го вклучува методот на хемофилтрација. По темелни истражувања на оваа тема не наидовме на ниедно експертско, стручно мислење или доказ дека лекувањето со хемофилтрација е препорачан или ефикасен метод за општа употреба, а уште помалку дека истиот е медицински докажан и оправдан.
Побаравме и стручно мислење од моментално најрелевантната институција и стручниот тим на Клиниката за инфективни болести и добивме одговор дека нашите сознанија кореспондираат со мислењето на стручниот тим на инфектолози – се работи за третман кој нема никаква научна подлога во лекувањето на ковид-19.
Во името на целиот медицински тим од „Аџибадем Систина“ се обративме и до Министерството за здравство со прашање – дали овој вид на експериментален третман е одобрен од Министерството за здравство при лекување на пациентите од ковид-19, но оттаму не добивме никаков одговор.
Во „Аџибадем Систина“, пациентите кои се примени за друга интервенција, а кај кои е дијагностициран ковид-19 се третираат според сите протоколи и препораки на Светската здравствена организација за нега на пациенти инфицирани од овој вирус.
Бидејќи не постои ниеден оправдан доказ за користење и ефикасност на оваа метода, која активно веќе се користи во друга приватна болница и се наплатува 12.000 евра, ние како високо профилирана здравствена установа која секогаш нуди највисок квалитет при третман на пациентите одлучуваме да не понудиме неодобрен и непроверен начин на лекување за нашите пациенти.
Доколку овој вид на третман е докажан лек за пациентите со ковид-19, веруваме дека светот немаше да се соочува со десетици илјади жртви секојднeвно.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ поседува врвна опрема за хемофилтрација, филтри од најдобриот светски производител „Fresenius“ и високообучен, експертски тим кој е подготвен активно да се вклучи во овој процес и да го направи достапен за широка маса пациенти, но единствено доколку овој третман претходно добие медицинска потврда и оправданост и истиот биде препорачан од релевантни институции како соодветен и ефикасен метод за лекување на пациенти со ковид-19.