ГРУБИ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА НЕЗАВИСНОСТ Двоумењето на Албанците во 1991 година беше грешка

Можеби, од денешната комфорност, удобност може да кажеме дека тогашната елита требало директно да учествува во референдумот што придонесе за распад на поранешна Југославија и можеби ова солидарно учество ќе овозможеше меѓусебно разбирање и донесување на еден помодерен и мултиетнички Устав, кој ќе овозможеше рамноправност без мајоризација во одлучувањето, рече Груби.

726

Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби од денешна перспектива се двоуми за тоа дали 30 години претходно, Албанците во Македонија со право не учествувале на референдумот којшто тогаш на земјава ѝ ја донесе независноста и сувереноста.

– Навистина, Албанците беа и се за независност на Северна Македонија. Но, двоумењето ја создаде можноста за влез во каков било иден сојуз со суверените држави на поранешна Југославија, дејство коешто ние не можевме да го сметаме како опција. Можеби, од денешната комфорност, удобност, може да кажеме дека тогашната елита требало директно да учествува во референдумот што придонесе за распад на поранешна Југославија и можеби ова солидарно учество ќе овозможеше меѓусебно разбирање и донесување на еден помодерен и мултиетнички Устав, кој ќе овозможеше рамноправност без мајоризација во одлучувањето – рече Груби на денешната свечена седница на Владата која беше посветена на 30-годишнината од независноста на Македонија.

Според Груби, ова почетничко двоумење со сигурност направило една цела декада да живееме од воени реалности во една заедничка држава, да живееме едни до други, но не и едни со други, да не веруваме едни во други или да ги плашиме граѓаните за политичките придобивки, злоупотребувајќи ги нивните кошмари во функција на нивните агенди.






– Ова двоумење ни изгуби една цела деценија на можности. И во 2001 година на најтешкиот можен начин го разбравме она, што јас често го кажувам, дека лојалноста на граѓанинот кон државата се мери со лојалноста на државата кон граѓанинот. Но, сите договори и сите недоразбирања сега веќе се дел од една заедничка приказна на патот на нашата држава од независноста. Заедно на темелите на референдумот и декларацијата за независност и Охрдискиот рамковен договор ги избравме дијалогот, рамноправноста и соживотот, но и пријателството со соседите и го определивме нашиот пат кон НАТО и кон ЕУ. Затоа Договорот за добрососедство и Преспанскиот договор се неразделен дел од мозаикот кој нѐ направи членка и доверлив партнер на НАТО. Во овие важни моменти на оваа 30-годишнина од независноста, Охридскиот договор, Преспанскиот договор и договорот за добрососедство се темелите на државата. Со целосно полно убедување кажувам дека кој е против нив, тој е против државата – рече Груби.

Тој додаде дека егзистенцијалните и суштинските предизвици во овие три децении се надминати со храброста на политичките лидери и со непоколебливата волја на граѓаните.

– Ова 30-годишно минато колку кратко, толку и долго, нѐ научи дека кога заедно ја градиме иднината врз основа на меѓусебното почитување и рамноправност вреднувајќи ги разликите и диверзитетот како можност, а не како пречка, воспоставување отворен и искрен дијалог, ништо не е невозможно. Заедно сме навистина посилни – додаде Груби.

Премиерот Зоран Заев на седницата истакна дека на патот од независноста до денес, наша одговорност и света должност е да го зачуваме македонскиот идентитет.

– Не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме. Засекогаш, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој повеќе нема дилеми. Никој повеќе не го оспорува тоа – рече Заев.

Тој им оддаде почит на сите државници и членови на владите кои денес не се меѓу нас и кои се вградија во остварувањето на независноста и во градењето на нашата држава според современите демократски вредности.

– Денес, кристално јасно е дека го исполнуваме заветот на нашите предци кои со векови го афирмираа, го бранеа и гинеа за македонскиот идентитет. Заедно со граѓаните го остваривме тој вековен сон со меѓународна верификација. И во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на сите граѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници, што покажаа и другарско и братско разбирање и што им даваат силна поддршка на своите сограѓани Македонци. Оваа поддршка, ова разбирање за одбрана и заштита на македонскиот идентитет е од огромно значење за градењето едно и еднакво, заедничко општество – наше општество, автентично, уникатно, граѓанско, сенародно. Овие мостови кои ги градиме се крвотокот на нашата меѓусебна доверба – истакна премиерот.

Според Заев, во периодот од 77 години од државотворниот АСНОМ и 30 години пат на самостојно, независно учество во животот на заедницата на народите, научивме неколку важни лекции, а една од нив е чувањето и негувањето на демократијата.

– Денес, кога славиме 30 години од нашата самостојна држава, Северна Македонија е длабоко приврзана кон европскиот проект. Имаме живо и динамично општество, во кое треба секој од нас да вложува за негов постојан развој. Граѓаните на нашата земја се активно поврзани со граѓанските вредности. Тие јасно го докажаа тоа. Делбите и кавгите заради тесно партиски или националистички интереси, или заради интереси спротивни на нашите стратешки определби, никому не му донесоа ништо добро, ниту ќе му донесат во иднина. Затоа ние секогаш ќе бидеме во предност пред било кој што би се обидел да го дели народот, да ги закрвува браќата и другарите меѓу себе, да сее омраза и раздор. Затоа што ние сме за сплотеност и унитарност, за просперитет и иднина. Ние градиме општество каде сите се еднакви и исто вредат рече Заев.

Поврзани содржини