МАРИН ЛЕ ПЕН Е НА ПРАГОТ НА ЕЛИСЕЈСКАТА ПАЛАТА „Економист” прогнозира политички и финансиски потрес во Европа
Победата на Ле Пен би можела сериозно да ги наруши односите меѓу Париз и Берлин, кои со децении се основата на функционирањето на Европската Унија. Според аналитичарите на британскиот магазин, лидерката на француската десница не е заинтересирана за традиционалната политика на компромиси со Германија и со Европската комисија.
Победата на Марин Ле Пен на претседателските избори во Франција во 2027 година веќе не треба да се третира како малку веројатно сценарио, туку како најверојатен исход. Тоа е оценката на аналитичарите на британскиот „Економист”, кои во најновата видеодискусија предупредуваат на сериозни последици за француската економија, за иднината на Европската Унија и за европската поддршка на Украина.
– Ова е четврти пат како таа се кандидира за претседател и никогаш досега, на претходните три избори, не сум мислела дека има шанси да биде избрана. Но, овој пат мислам дека мораме да го разгледуваме тоа како основно сценарио – вели една од аналитичарките на „Економист”.
Ле Пен повеќе од една година убедливо води во анкетите за првиот круг од претседателските избори. На пазарите за обложување нејзините шанси за конечна победа се проценуваат на 47 проценти, додека експертите за прогнозирање ангажирани од „Економист” ѝ даваат 55 проценти. Аналитичарите потсетуваат дека треба да се вратиме дури во 1974 година, кога Франсоа Митеран загуби од Валери Жискар Д’Естен, за да најдеме споредлив пример на пораз на кандидат со толку силна позиција во анкетите.
Најлошиот кошмар на политичкиот центар
Најголемиот проблем на француските центристички партии е што во вториот круг од изборите би можеле да се соочат двајца кандидати од спротивните краеви на политичкиот спектар – Марин Ле Пен од десницата и Жан-Лик Меланшон од радикалната левица. Дури шестмина кандидати од политичкиот центар веќе ги најавиле своите кандидатури, со што дополнително го расцепкуваат гласачкото тело.
Интересно е што на пазарите за обложување на второто место според шансите за победа се пробива Давид Лиснар, градоначалникот на Кан, релативно малку познат надвор од Франција. Според „Економист”, тоа е показател за отсуството на доволно силна политичка фигура околу која би можеле да се обединат гласачите од центарот.
Аналитичарите не веруваат дека Ле Пен би можела да го повтори примерот на италијанската премиерка Џорџа Мелони, која на власт се покажа поумерена отколку што стравуваа нејзините противници. За разлика од Мелони, која мора да обезбедува поддршка од коалициските партнери во парламентарниот систем на Италија, Ле Пен би застанала на чело на една од најмоќните претседателски институции во Европа.
Крај на француско-германската оска?
Победата на Ле Пен би можела сериозно да ги наруши односите меѓу Париз и Берлин, кои со децении се основата на функционирањето на Европската Унија. Според аналитичарите на британскиот магазин, лидерката на француската десница не е заинтересирана за традиционалната политика на компромиси со Германија и со Европската комисија.
– Дури и ако не сака Фрекзит, таа сепак бара конфронтација и сака враќање на моќта на националните држави, по примерот на движењето МАГА. Тоа ќе биде навистина тешко за сите традиционални партнери на Франција – оценува „Економист”.
Во Брисел би можело да дојде до формирање нова политичка оска во која, покрај Франција под водство на Ле Пен, би се нашле Италија на Мелони, Полска и евентуално Шпанија, доколку десничарската партија Вокс стане дел од тамошната влада. Посебна загриженост предизвикува намерата на Ле Пен да ја ограничи идната помош за Украина, иако таа најавува дека ќе ги почитува веќе преземените обврски. Според аналитичарите, тоа би го охрабрило Владимир Путин да ја продолжи војната во очекување дека европската поддршка за Киев постепено ќе пресуши.
Финансиска криза е можна и пред изборите
Најдраматичните предупредувања на „Економист” се однесуваат на состојбата на француските јавни финансии. Франција веќе се задолжува по значително повисоки каматни стапки од Германија. Според проценките изнесени во дискусијата, за да се запре растот на јавниот долг во однос на бруто-домашниот производ, потребно е буџетско приспособување во висина од околу 4 проценти од БДП.
– Би било лудо да прогнозирам криза на пазарот на американските државни обврзници. Но, воопшто не би било лудо да прогнозирам криза на пазарот на француските обврзници, бидејќи тој навистина е на работ на бездната – предупредува економскиот аналитичар на „Економист”. Ле Пен ветува намалување на буџетскиот дефицит, но истовремено и намалување на старосната граница за пензионирање и на даноците на горивата. Експертите се сомневаат дека овие ветувања се финансиски одржливи.
Во париските економски и политички кругови веќе се разговара дури и за можноста од реструктурирање на францускиот јавен долг. Финансиската криза би можела да избувне и пред претседателските избори, доколку инвеститорите проценат дека во вториот круг сигурно ќе се соочат Ле Пен и Меланшон. Во таква ситуација, дел од француската елита гледа потенцијален спас во Кристин Лагард, претседателката на Европската централна банка, која би можела да биде убедена да се вклучи во француската политика како технократско решение.