📽️ РЕКОРДЕН БРАН МИГРАНТИ НА КАНАРСКИТЕ ОСТРОВИ За само 24 часа пристигнале 2.100 луѓе

Во преполните чамци имало и починато лице, а една жена се породила за време на опасното патување од Западна Африка. Овогодишниот број на пристигнувања веќе ја надминал бројката за целата мината година.

0

Рекорден број од 2.100 мигранти пристигнаа на Канарските Острови во рок од 24 часа, соопшти Службата за поморско спасување. Мигрантите патувале во преполни чамци.

Меѓу пристигнатите мигранти било пронајдено и едно починато лице, а една жена се породила за време на опасното патување од Западна Африка до шпанскиот архипелаг.






Бројот на пристигнатите лица го надмина претходниот рекорд од околу 1.500 мигранти, колку што пред две недели пристигнаа на Канарските Острови.

Најголемиот број чамци пристигнале на островот Ел Јеро, кој има околу 11.400 жители. Островот е една од главните влезни точки во Европа за мигрантите кои доаѓаат од Западна Африка.

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, кој се соочува со остри критики поради својот отворен став кон миграцијата во текот на кампањата за парламентарните избори, изјави дека на Европа ѝ е потребен сеопфатен пристап кон миграцијата. Тој посочи дека тоа подразбира и построги гранични контроли, во соработка со властите на Сенегал и Гамбија.

Санчез додаде дека Шпанија треба да „отвори легални патишта за миграција“ за работници во сектори како градежништвото, каде што има недостиг од квалификувана работна сила.

Атлантската миграциска рута од Западна Африка до Канарските Острови е една од најопасните во светот. Секоја година илјадници мигранти се обидуваат да го поминат овој животозагрозувачки пат во преполни чамци, надевајќи се дека ќе стигнат до шпанска територија и покрај разбрануваното море, силните струи и огромните растојанија.

Бројот на пристигнувања обично се зголемува во есенските месеци, кога водите долж рутата се генерално помирни, што ги прави условите поповолни за премин.

До крајот на ноември, бројот на мигранти кои пристигнале оваа година достигнал 28.103, што е повеќе од вкупниот број за целата мината година, но сепак значително помалку од рекордните 46.843 пристигнувања регистрирани во 2006 година. Само во последните два месеца на архипелагот пристигнале речиси 21.000 луѓе.

Поврзани содржини