СУПЕРМЕСЕЧИНА „НА ДАБАРОТ“ ЌЕ ГО ОСВЕТЛИ НЕБОТО НАД МАКЕДОНИЈА Првата од 4 месечини се поврзува со откривањето тајни
Името доаѓа од северноамериканскиот фолклор - oва е времето кога дабарите завршуваат со зајакнување на своите ложи и складирање храна пред зимата. Следната супермесечина ќе се појави на 24 декември и ќе биде најголемата и најсјајната полна месечина во 2026 година.
Супермесечина околу 13% поголема и 27% посјајна од најмалата полна месечина годинава, ќе го осветли небото над Македонија. Ноемвриската „месечина на дабарот“ е прва од серијата од 4 последователни супермесечини во кои ќе можеме да уживаме до февруари 2027 година.
Таа денеска ќе биде оддалечена околу 360.765 километри од Земјата.
Според астрономскиот портал „Тајм енд дејт“, Месечината во Скопје ќе изгрее во 15:35 часот, додека во 15:53 часот ќе ја достигне својата полна фаза.
Во источните делови на Македонија ќе може да се забележи неколку минути порано, додека во западните делови ќе изгрее малку подоцна.
Сонцето во Скопје ќе зајде во 16:06 часот, па љубителите на фотографијата ќе имаат можност да ја овековечат необичната глетка уште пред целосно да се стемни.
Најдобро време за набљудување и за фотографирање ќе биде меѓу 15:45 и 16:45 часот, доколку дозволат временските услови.
Месечината изгледа особено голема додека е ниско над хоризонтот. Причината е оптичката измама позната како месечева илузија, која доаѓа до израз кога ја гледаме Месечината покрај згради, дрвја или планини.
Тогаш таа може да добие и впечатлива портокалово-златна боја.
Скопјани можат да побараат место со отворен поглед кон североисток на падините на Водно, на Скопска Црна Гора или покрај кејот на Вардар.
Во близина на Месечината вечерва ќе се наоѓа и познатото ѕвездено јато Плејади, во народот познато како Квачка.
Името потекнува од традициите на домородните народи во Северна Америка. Крајот на ноември е времето кога дабарите завршуваат со зајакнување на своите ложи и складирање храна пред зимата.
Ноември е периодот кога дабарите забрзано ги подготвуваат своите засолништа и собираат резерви храна пред зимата. Во минатото тоа бил и периодот кога ловците поставувале стапици за дабари пред замрзнувањето на водите.
Во некои народни традиции ноемвриската полна месечина е позната и како Мразна месечина.
Следната супермесечина ќе се појави на 24 декември и ќе биде најголемата и најсјајната полна месечина во 2026 година. Потоа следуваат Волчјата супермесечина на 22 јануари и Снежната супермесечина во ноќта меѓу 20 и 21 февруари.
Според западната астрологија, вечерашната полна месечина е во знакот на Близнаци и симболично се поврзува со комуникацијата, со откривањето тајни и со неочекуваните вести.
Астролозите ја толкуваат како период за расчистување недоразбирања, за преиспитување на старите одлуки и за ослободување од навиките што нè кочат.
Особено значење ѝ припишуваат за родените во знаците Близнаци, Стрелец, Девица и Риби.