ЛАЖЕЛ ДЕКА ТУРЦИТЕ ИМААТ ПРОБЛЕМ СО ПРЕСТОЈОТ, ПА ЗЕЛ ПОТКУП Полицаец од Долно Блаце дел од парите му предал на колега

Двајца полицајци од граничниот премин Долно Блаце се пријавени за примање поткуп. Едниот побарал пари за да им овозможи влез на двајца турски државјани.

1

Полицаец на граничниот премин Долно Блаце побарал и примил пари за да им овозможи влез во Македонија на двајца турски државјани, лажно претставувајќи дека постои проблем со нивниот престој. Дел од парите потоа му дал и на свој колега, информира Министерството за внатрешни работи.

Одделот за внатрешна контрола при МВР поднел кривична пријава против двајцата полициски службеници, со иницијали Х.К. и Ј.К., поради сомнение за примање поткуп.






Според пријавата, првопријавениот на 22 ноември 2026 година, додека вршел гранични проверки на влез во државата на преминот Долно Блаце, побарал пари од лице кое управувало патничко возило. Во автомобилот, покрај возачот, се превезувале и двајца турски државјани.

Полицаецот му кажал на возачот дека постои проблем со престојот на двајцата странски државјани, а потоа побарал и примил пари за да им овозможи да влезат во земјата.

Дел од добиените пари, според наводите на МВР, му предал на второпријавениот полициски службеник.

Против двајцата е поднесена пријава за кривичното дело „примање поткуп“ од член 357 од Кривичниот законик.

Од МВР најавуваат дека против двајцата полицајци ќе биде поведена и дисциплинска постапка, а до нејзиното завршување ќе бидат суспендирани од работните места.

Поврзани содржини