ТАЛУЛА ВИЛИС СЕ ИЗВИНИ ЗА ФОТОГРАФИЈАТА СО СВОЈОТ ТАТКО „Не размислив за тоа дека е можеби премногу интимна за јавно споделување“
Ќерката на Брус Вилис, Талула Вилис, се извини откако објави, а потоа ја избриша фотографијата на која се држи за рака со својот татко, кој боледува од фронтотемпорална деменција.
Една од петте ќерки на Брус Вилис, 32-годишната Талула во саботата, 21 ноември, сподели фотографија на Инстаграм на која седи покрај својот татко на лулашка на тремот од куќата и го држи за рака. Следниот ден ја избриша објавата и објасни зошто се премислила.
– Ја објавив фотографијата со татко ми вчера затоа што имавме ПРЕКРАСНА посета. Замолив некого да нè фотографира во еден многу мил момент, додека заедно гледавме видео на кое Френки Вали пее – напиша таа.
Талула објасни дека била толку воодушевена од убавината на моментот што не размислила дека фотографијата можеби е премногу интимна за јавно споделување.
– Можам да го признаам тоа и да ветам дека ќе постапувам подобро – додаде таа, а објавата ја заврши со зборовите: Можам подобро.

Таа истовремено им порача на следбениците дека знае колку го сакаат нејзиниот татко, нагласувајќи дека и таа и целото семејство го сакаат и дека за нив тој засекогаш ќе остане херој.

Фотографијата која сепак се уште кружи на Интернет, предизвика бројни реакции, а многумина застанаа во одбрана на Талула. Дел од следбениците сметаа дека нема потреба да се извинува за споделувањето семеен момент, а еден од коментарите гласеше:
– Премногу интимна? Фотографијата беше прекрасна.
Брус Вилис (71) во 2022 година беше дијагностициран со афазија, нарушување што влијае врз говорот и способноста за комуникација. Во февруари 2023 година семејството соопшти дека станува збор за фронтотемпорална деменција, поради која актерот се повлече од глумата.
Талула е најмладата од трите ќерки што Брус ги има со поранешната сопруга Деми Мур. Нивни ќерки се и Румер и Скаут, а актерот има уште две помали ќерки со сегашната сопруга Ема Хеминг Вилис.
Во август годинава Брус имаше ретко јавно појавување на свадбата на Талула со музичарот Џастин Аси. Актерот беше фотографиран како ја прегрнува ќерка си и го држи за рака својот нов зет.