ПРАВИМЕ СЀ ДА НЕМА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА СТРУЈАТА И НА ПАРНОТО Мицкоски најави средба со раководството на РЕК Битола
Работиме и остануваме држава со најниска цена на енергенсите и покрај тоа што немаме многу енергенти што се наш природен ресурс, изјави премиерот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата со сите можни алатки ќе го штити стандардот на граѓаните и ќе направи сè за да не се зголеми цената на електричната енергија и на парното и оти нема информации за најавите од Регулаторната комисија за енергетика.
– Знаеме дека ние како Влада одлучуваме за цената што АД ЕСМ ќе ја поднесе на аукцијата и тендерот што ги има објавено „ЕВН хоум“. Ние како Влада ќе дадеме сè од себе да не се зголемува таа цена и со сите можни алатки ќе го штитиме стандардот на граѓаните иако цената на берзите е четири-петпати поголема од онаа што АД ЕСМ ќе ја даде, но тука имаме изготвено еден иновативен бизнис-модел за кој разговараме со раководството на АД ЕСМ – рече Мицкоски по одбележувањето на 80-годишнината од Домот за деца без родители „11 Октомври“
Премиерот најави средба со раководството на РЕК „Битола“.
– Оваа недела, в сабота, јас ќе бидам присутен и ќе одржам колегиум во РЕК „Битола“ заедно со луѓето од РЕК „Битола“ како главен столб и стожер на енергетската стабилност во Македонија. Работиме и остануваме држава со најниска цена на енергенсите и покрај тоа што немаме многу енергенти што се наш природен ресурс – изјави Мицкоски.