🎥 МИХАИЛОВА ОТКРИВА ДЕКА Е УЦЕНЕТА ОД БУГАРСКАТА ТАЈНА СЛУЖБА И ПОД ПСИХОЛОШКИ ПРИТИСОК! Бугарски новинар објави шокантни тајно снимени разговори со неа

Михаилова вели дека луѓе од бугарската тајна служба ДАНС контролираат каде таа дава изјави и што ја прашуваат, зашто во спротивно ќе биде саботирано нејзиното скапо лечење кое ѝ е ветено. На прашање од новинарот дали се чувствува како заложник, таа одговара „Зарем не сме такви сите што сме фатиле работа со државата“.

2

Шокантно видео објави на Јутјуб бугарскиот новинар Станислав Цанов, заедно со аудиоразговори со Ива Михаилова со сериозни тврдења дека таа била изложена на закани и психичко малтретирање од Државната агенција занационална сигурност – ДАНС.

Според зборовите на независниот новинар Цанов, двајцата планирале заеднички видеоматеријал за тоа што го преживеала Михаилова, меѓутоа, малку пред снимањето, таа му соопштила дека од ДАНС ѝ забраниле да учествува во неговата емисија.






Во разговорите таа опишува како ДАНС ѝ одредувала кај кој новинар смее да гостува, што смее да зборува и дека ѝ се заканувале со ускратување на неопходната рехабилитација, доколку не ги следи наредбите.

Михаилова, чиј случај бугарски политичари и медиуми го претставуваа како пример за дискриминација во Македонија, во објавените разговори тврди дека преживеала сериозен психолошки притисок.

– Беше прилично тешка психичка тортура. Има работи што не сакаат да ги кажам – изјавува во еден момент младата жена.

Едно од најсериозните тврдења се однесува на условувањето на медицинската помош со нејзините медиумски настапи. Според Михаилова, ѝ било наредено прво да гостува кај бугарскиот новинар Мартин Карбовски, иако веќе имала договорено снимање со Цанов.

– Ми рекоа дека, ако не снимам прво кај него, каде и да снимам на друго место, ќе биде избришано и дека нема да ја добијам рехабилитацијата што ми е потребна – му се жали Михаилова на новинарот кој тајно ја снима.

Таа објаснува дека станува збор за специјализирана и многу скапа рехабилитација, чии трошоци бугарската држава ветила дека ќе ги преземе, заедно со трошоците за адвокатите. Но, според нејзиното сведочење, потоа ѝ било кажано дека поддршката може целосно да биде повлечена, вклучително и помошта за адвокати.

– Рехабилитацијата ми зависи од нив – вели Михаилова. Таа тврди дека токму зависноста од таа помош ја принудувала да ги прифати барањата за тоа каде и кога ќе зборува јавно. „Како да си заложник“ се уфрла новинарот во еден момент. Михаилова возвраќа: „Изгледа сите сме тоа, ние што сме се заплеткале со државата.“

Михаилова објаснува и зошто се инсистирало да гостува токму кај Карбовски. Таа пренесува зборови што тврди дека ѝ биле упатени:

– Ми рекоа: „Прво ќе излезеш кај Карбовски, затоа што ние имаме целосна контрола врз него, ќе му кажеме што да поставува како прашање“ – вели Михаилова.

На прашањето дали знае кое е лицето од ДАНС со кое разговарала, Михаилова одговара потврдно, но не го наведува неговото име.

– Ме предупредија да не ти кажувам за ова. Можат сè да ми саботираат – објаснува таа.

Михаилова во разговорите ја оспорува и претставата во јавноста дека бугарските институции имале решавачка улога во нејзиното заминување од Македонија. Тврди дека сама го организирала заминувањето, а дека подоцна од неа се барало да ги следи инструкциите со образложение дека државата веќе „направила сè за неа“.

– Разговорот го започнаа со тоа дека досега направиле сè за мене и дека поради таа причина мора да ги слушам. Во спротивно, нема да биде добро за мене. Мојата иднина ја гледам во Бугарија. Не сакам да одам на друго место. Тие можат сè да ми саботираат тука – вели Михаилова.

Цанов ги обвинува службите и за мешање во неговата новинарска работа. Според него, ДАНС имала улога во отстранувањето на неговите видеоклипови поврзани со истрага за наводна секта во Пловдив. Тој го поставува и прашањето дали медиумските настапи на Михајлова биле искористени за политички цели.

По разговорите, Цанов побарал помош од лидерите на „Демокраска Бугарија“, Божидар Божанов и Ивајло Мирчев. Тој побарал гаранции за лекувањето и правната заштита на Михајлова, соработка од европратеници, обезбедување работа и парламентарна истрага за постапките на ДАНС.

Во видеото двајцата политичари изјавуваат подготвеност да помогнат во разјаснувањето на случајот и заштитата на младата жена, вклучително и преку парламентарни сослушувања и преку европските институции.

Поради овој скандал, Цанов јавно побара оставка од претседателот на ДАНС, Пламен Тончев, и инсистираше да се утврди кој службеник вршел притисок врз Михаилова и по чија наредба.

На крајот од видеото новинарот упатува прашања до претседателката Илијана Јотова и до премиерот Румен Радев за овие компромитирачки активности на службите и бара одговорност за нив.

Поврзани содржини