РУСИЈА ПОБАРАЛА НАТО ДА СЕ ВРАТИ НА ПОЗИЦИИТЕ ОД 1997 ГОДИНА!? „Њујорк тајмс“ објавува документ кој наводно бил претставен во Абу Даби

Според „Њујорк тајмс“, руските претставници на преговорите во Абу Даби го посочиле периодот на Студената војна како модел за идното уредување на европската безбедност.

0

Русија бара НАТО да го врати своето воено присуство на позициите од 1997 година, пред проширувањето на Алијансата кон Источна Европа. Барањето е дел од документот што руските претставници го доставиле за време на преговорите со американската делегација за завршување на војната во Украина, а до кој дошол американскиот весник „Њујорк тајмс“.

Документот, датиран на 10 ноември 2026 година, покажува дека рускиот претседател Владимир Путин речиси не отстапил од своите клучни барања поставени непосредно пред инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.






Но, овојпат станува збор за повеќе од територијалните и безбедносните прашања поврзани со Украина. Москва бара промени во начинот на кој е организирана европската безбедност, со последици и за земјите што станаа членки на НАТО по 1997 година.

Во 1997 година НАТО имаше 16 земји членки. Денес Алијансата брои 32 држави, вклучувајќи ја и Северна Македонија, која се приклучи на 27 март 2020 година. Руското барање се однесува на повлекување на воените сили и инфраструктурата на НАТО на позициите што ги имале пред проширувањето кон Источна Европа.

Тоа особено би ги погодило Полска и балтичките држави Естонија, Латвија и Литванија, кои сметаат дека присуството на сојузничките сили е важна гаранција за нивната безбедност.

Според „Њујорк тајмс“, руските претставници на преговорите во Абу Даби го посочиле периодот на Студената војна како модел за идното уредување на европската безбедност. Во тој период Европа беше поделена меѓу западниот воен блок предводен од САД и Варшавскиот пакт под водство на Советскиот Сојуз.

Руската страна тврдела дека тогашната поделба на сфери на влијание, со воспоставени канали за комуникација и договори меѓу големите сили, го намалувала ризикот од директен судир. За земјите од Источна и Југоисточна Европа ова е особено чувствително прашање, бидејќи голем дел од нив токму по завршувањето на Студената војна одлучија да станат членки на НАТО.

Според документот, Москва бара НАТО да се откаже од понатамошно проширување, да запре со воените активности во Украина и во други делови од Источна Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија, како и да престане испораката на западно оружје и воена опрема за Украина.

Русија, според документот, би прифатила Украина да стане членка на Европската Унија, но под услов да не учествува во заедничката одбранбена политика на ЕУ. Особено внимание предизвикува и барањето Франција и Велика Британија да не го користат својот нуклеарен арсенал за заштита на други европски држави.

Рускиот документ бил претставен за време на преговорите во Абу Даби, на кои учествуваа американски, руски и украински претставници. Американската делегација, предводена од Стив Виткоф и Џаред Кушнер, се обидува да постигне напредок во преговорите за завршување на војната.

Според извори на „Њујорк тајмс“, американските претставници ѝ порачале на Москва дека безбедносните околности значително се промениле од 2021 година и дека е потребно да се разговара за идни решенија.

Иако рускиот документ ја претставува почетната преговарачка позиција, дел од изворите на американскиот весник наведуваат дека Москва оставила можност за одредена флексибилност.

Засега, сепак, нема потврда дека руските барања се прифатени или дека е постигнат договор за нова европска безбедносна архитектура.

Руските барања веќе предизвикаа реакции меѓу европските лидери. Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека нивното прифаќање би претставувало директна закана за безбедноста на Полска. Литванскиот претседател Гитанас Науседа, исто така, го отфрли барањето за повлекување на силите на НАТО од источното крило на Алијансата.

Европските претставници нагласуваат дека за иднината на континенталната безбедност не може да се преговара само меѓу Вашингтон и Москва, без учество на европските држави.

Поврзани содржини