ОТКРИЕНО КАКО И ЗОШТО ПЕРИШ Е ДОНЕСЕН ВО КОБНАТА ЗАГРЕПСКА ПСИХИЈАТРИЈА „Не сакам да влезам, минатиот пат ме врзуваа и ме гушеа“
Според полицискиот извештај, кога полициските службеници во 15:23 часот разговарале со лекарката Јелавиќ, Периш веќе седел на клупа и не давал никаков отпор, ниту се однесувал агресивно.
Од истрагата против четворицата медицински техничари осомничени за тешко убиство на спортистот Кристијан Јосип Периш (32), кој на 21 октомври почина во Психијатриската клиника „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир, излегуваат нови детали за причините поради кои воопшто бил донесен во болницата.
Полицијата интервенирала и на неговата семејна адреса кобниот ден, пред Периш да биде пренесен во болницата, дознава хрватскиот портал „Индекс“ од извори блиски до истрагата.
Според полицискиот извештај за интервенцијата, по пријава за семејно насилство, полициски службеници од Седмата полициска станица во Загреб на 21 октомври дошле во семејниот дом на Периш. Ги повикал член на семејството, кој пријавил дека тој е во психички растроена состојба и има параноични мисли.
Според исказот на една од сестрите на Периш, семејството истиот ден побарало и итна медицинска помош бидејќи неговата здравствена состојба се влошила. По ова, тој бил примен на психијатрискиот оддел на Клиниката „Свети Иван“. Но, според информациите до кои дошол „Индекс“, Периш бил оставен во приемното одделение на болницата, а уште додека чекал лекарски преглед се противел на хоспитализацијата. Поради тоа, полицијата истиот ден двапати интервенирала и во психијатриската клиника.
Од службената белешка произлегува дека дежурната лекарка од ургентниот прием пријавила проблеми со пациентот, кој вербално ги напаѓал и навредувал вработените, заканувајќи се дека „ќе ги убие сите од персоналот и сите муслимани“.
Меѓутоа, според полицискиот извештај, кога полициските службеници во 15:23 часот разговарале со дежурната лекарка Силвана Јелавиќ, Периш веќе седел на клупа и не давал никаков отпор, ниту се однесувал агресивно.
По извесно време се согласил да влезе во болницата, но претходно им порачал на присутните:
– Не сакам да влезам внатре. Минатиот пат ме гушевте и ме врзувавте за кревет. Не сакам лекарите да ме допираат, сакам да разговарам само со полицијата.
Откако влегол во болницата, му била дадена терапија. Полицајците во извештајот навеле дека за време на нивната интервенција Периш не бил агресивен, туку соработувал и со медицинскиот персонал и со полициските службеници.
Полицијата повторно била повикана во болницата околу 17 часот. И при оваа интервенција немало потреба од дополнително постапување. Полицајците ги затекнале лекарката Луција Манце Шењуга, медицинските техничари и Периш, кој веќе бил врзан за кревет. Според полициската белешка, пациентот бил видно омалаксан и дезориентиран.
Лекарката им рекла на полицајците дека успешно го фиксирале за креветот и дека повеќе нема потреба од полициска интервенција. Таа изјавила и дека Периш не им се заканувал на медицинските работници, ниту ги загрозувал, како и дека не биле утврдени елементи на прекршок или кривично дело. По ова, полицајците ја напуштиле болницата.
Според информациите од истрагата, постапувањето на четворицата медицински техничари, кое завршило со смртта на Периш, се случило меѓу 20:02 и 20:12 часот во собата 1А на машкиот оддел за интегративна психијатрија.
Истражителите наведуваат дека Периш, додека бил врзан за креветот, во состојба на психичко растројство се обидувал да се ослободи од ремените и да стане. На снимката од видеонадзорот, која ја прегледала полицијата, се гледа како тој лежи буден на креветот, врзан со ремени околу нозете, рацете и градите.
Според описот на снимката, тројца медицински техничари со рацете го притискале кон креветот, додека четвртиот ги затегнувал ремените. Потоа, еден од нив му го притиснал лицето, а друг му ставил перница на главата. Двајца од техничарите со колената му го притискале вратот, додека другите го удирале во главата и во стомакот. Набргу потоа, Периш престанал да дава знаци на живот.