КОЈА Е ФАТАЛНАТА АЛИС ХУАНГ ШТО ГО ЗАКОПА ПРВИОТ ЧОВЕК НА „ЕНВИДИЈА“ Од шангајските фондови до аферата со кралот на компјутерските чипови

Жената преку која напредни чипови на „Енвидија" завршувале во Кина со заобиколување на извозните ограничувања, засега молчи. Дали била кинеска шпионка?

43

На почетокот на 2025 година, амбициозната Алис Хуанг барала инвеститори за центар за податоци во Југоисточна Азија, проект вреден неколку стотици милиони долари. Таа и нејзиниот деловен партнер имале силен аргумент. Според инвеститор што присуствувал на разговорите, двајцата тврделе дека без проблем можат да ги набават бараните графички процесори на „Енвидија“. Како клиент го посочиле кинескиот гигант „Алибаба”.

На 8 ноември годинава, првиот човек на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, призна дека имал вонбрачна врска. Во пораката до вработените не ја именуваше жената, но „Њујорк тајмс“ и „Фајненшл тајмс“ ја идентификуваа како Алис Хуанг, поранешна раководителка кај еден од клиентите на „Енвидија“. Според нивните извори, американското разузнавање се сомнева дека таа била регрутирана од Пекинг за да собира информации за него. И покрај истото презиме, двајцата не се роднини.






Од телевизиска репортерка до управителка на фондови

Алис Хуанг во кинеските деловни документи се појавува како Хуанг Ле. Таа е кинеска државјанка, а нејзината точна возраст не е јавно позната. Според извори на „Њујорк тајмс”, добро зборува англиски и има контакти во врвот на индустријата за чипови. За нејзините почетоци има помалку проверени податоци. Во биографија што ја пронашла АФП се наведува дека била репортерка во кинеската државна телевизија Си-Си-Ти-Ви и во телевизијата Хунан, а потоа работела во банката ХСБЦ. Агенцијата не успеала независно да ги потврди тие ангажмани.

Повеќе траги оставила во финансискиот сектор. Кинескиот „Тајм викли“ пишува дека во шангајската инвестициска куќа „Хекси” самостојно управувала со повеќе приватни фондови и била наведена меѓу водечките луѓе на фирмата. „Фајненшл тајмс“ ја идентификува како партнерка во „Хекси“. Според кинеските корпоративни документи што ги прегледал весникот, фирмата престанала да ги ажурира годишните резултати во 2022 година, а повеќе нејзини фондови биле затворени.

Во 2023 година Хуанг била заведена како раководителка во „Мегаспид“, сингапурска компанија што израснала од кинеска фирма за видеоигри. „Мегаспид” набавувала опрема од „Енвидија“ и изнајмувала компјутерска моќ за обука и работа на системи со вештачка интелигенција. Според „Фајненшл тајмс“, „Алибаба“ била нејзиниот најголем клиент, а договорот со кинескиот гигант ѝ помогнал на „Мегаспид“ да ги отвори првите разговори со „Енвидија“ за набавка на опрема. Сегашната улога на Алис Хуанг во фирмата е нејасна.

Бакнеж во Тајпеј и понуда за инвеститорите

Една од највидливите средби на двајцата се случила на 22 мај 2025 година, за време на технолошкиот саем „Компјутекс“ во Тајпеј. На вечерата што ја приредил Џенсен Хуанг, тајвански новинари снимале низ прозорците на ресторанот. На снимката се гледа како тој ја прегрнува Алис, а таа го бакнува во образ. Подоцна заминале со ист автомобил. „Фајненшл тајмс“ прегледал и фотографии на кои двајцата се заедно во Шангај, Хонгконг и Калифорнија, дел од нив во друштво со други луѓе.

На разговорите со инвеститорите за центарот за податоци, Алис и нејзиниот деловен партнер Канг Веи го истакнувале пристапот до чиповите и соработката со „Алибаба“. Според „Фајненшл тајмс“, таа пред инвеститорите не спомнала дека е блиска со шефот на „Енвидија“. Од тие разговори се гледа дека пристапот до чиповите бил дел од понудата. Останува отворено дали личната врска ѝ обезбедила каква било деловна повластица.

Американските власти од 2024 година ја проверуваат „Мегаспид“ поради сомневање дека преку неа напредни чипови на „Енвидија“ завршувале во Кина со заобиколување на извозните ограничувања. Прашањето е каде завршила опремата, бидејќи на кинески компании им е дозволено да изнајмуваат компјутерски капацитет во центри за податоци надвор од Кина. „Мегаспид“ ги отфрли обвинувањата за незаконско постапување со чиповите.

Што, според Вашингтон, сакал да добие Пекинг?

Според „Фајненшл тајмс”, во американски меморандум составен врз основа на разузнавачки информации се наведува дека двајцата имале љубовна врска. Извори запознаени со документот велат дека американските служби веруваат оти Алис Хуанг била регрутирана од кинеското Министерство за државна безбедност. „Њујорк тајмс“ објави дека, според американската проценка, таа му пренесувала информации на Пекинг. Ројтерс и „Фајненшл тајмс“ не успеале независно да ги потврдат наводите за шпионажа.

Една од можните цели на операцијата, според медиумските извештаи, била преку Џенсен Хуанг да се влијае врз американската политика за извоз на чипови во Кина. „Фајненшл тајмс“ пишува дека тој лично лобирал кај Доналд Трамп да дозволи продажба на процесорите Х200 на кинески купувачи. Засега нема јавно објавени докази дека Алис го поттикнала да го стори тоа. Останува нејасно и до какви информации имала пристап и што, ако воопшто нешто, му пренела на Пекинг.

Кинеското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата како клевета. Одборот на „Енвидија” отвори независна истрага и соопшти дека засега нема причина да верува дека биле загрозени тајните на компанијата или американската национална безбедност. Трамп во понеделникот рече дека ФБИ го разгледува случајот. Алис Хуанг досега јавно не одговорила на обвинувањата.

Поврзани содржини