470 КИЛОГРАМИ ЌЕБАПИ, ПЛЕСКАВИЦИ И ВНАТРЕШНИ ОРГАНИ ЗАВРШИЈА НА БУНИШТЕ Инспекторите во Василево открија нерегистрирана комора за чување месо
На приватен имот на сопственик на месарница во општина Василево инспекторите на агенцијата за храна и ветеринарство открија комора која не била регистрирана во Агенцијата за храна и ветеринарство.
При спроведувањето на контролата, официјалните ветеринари на АХВ во комората пронашле и заплениле 400 килограми замрзнати подготовки од месо, плескавици и ќебапи, како и 70 килограми внатрешни органи.
-Целокупната запленета количина подготиовки од месо и внатрешни органи нештетно се уништени на депонија, согласно пропишаните законски процедури -информираа од АХВ.
Поради утврдените неправилности, изречена е мерка за времено затворање на комората, а на правното лице му се изречени и парични казни за работа во нерегистриран објект и неозначување на производите.
Ова е последен пример на непочитување на законите кај операторите за храна откриен во редовните и вонредните инспекциски контроли.
Во периодот од јануари до август 2026 година, инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 74.838 инспекциски надзори. Контролите опфаќаат различни сегменти од синџирот на храна на домашниот пазар и увозот, со цел навремено откривање и отстранување на неправилностите и спречување на пласманот на небезбедна храна на пазарот.
Во овој период уништени се 69,7 тони небезбедна храна од домашниот промет и од увоз, забранет е увоз на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, а во земјите на потекло се вратени пратки со вкупно 122.602 килограми храна од животинско потекло.