ВО СРБИЈА РАСТАТ И ИЗЛЕЗНОСТА И НАПНАТОСТА До 17 часот гласале 60,8 отсто од избирачите

Набљудувачите забележаа многубројни неправилности и притисоци на избирачките места, а физички беше нападната и 82-годишната мајка на Александар Вучиќ.

721

Излезноста на вонредните парламентарни избори во Србија до 17 часот достигна 60,8 отсто, според проценката на ИПСОС и на ЦеСИД. Податокот е добиен врз основа на 750 избирачки места и 91,1 отсто обработен примерок.

Станува збор за значително повисока излезност во споредба со претходните парламентарни избори во декември 2023 година. Трендот на засилено гласање беше видлив уште од утринските часови, кога пред дел од избирачките места беа забележани редици.






РИК измери 56,38 отсто до 16 часот

Последниот официјален пресек на Републичката изборна комисија (РИК) покажува дека до 16 часот гласале 56,38 отсто од запишаните избирачи. Речиси идентична проценка објави набљудувачката мисија ЦРТА – 56,4 отсто, со маргина на грешка од плус или минус 0,9 процентни поени.

Регионалните податоци на РИК покажуваат дека до 16 часот највисока била излезноста во Војводина – 58,76 отсто, по што следува Белград со 57,68 отсто. Во Шумадија и западна Србија гласале 55,29 отсто, а во јужна и источна Србија 53,34 отсто од избирачите.

Разликата во однос на изборите во 2023 година е голема. Тогаш до 16 часот гласале 42,36 отсто од избирачите, што значи дека денешната излезност во истиот временски пресек е повисока за околу 14 процентни поени. И претходните пресеци го покажуваа истиот тренд: до 14 часот денес гласале 46,53 отсто, наспроти 32,38 отсто во 2023 година.

Повеќе од 6,45 милиони граѓани имаат право на глас

На вонредните парламентарни избори право на глас имаат 6.451.292 избирачи, кои гласаат на 8.392 избирачки места. На гласачкото ливче се наоѓаат 18 изборни листи со вкупно 2.418 кандидати за 250 пратенички места во Народното собрание на Србија.

Избирачките места беа отворени во 7 часот, а гласањето трае до 20 часот. РИК соопшти дека изборниот процес генерално се одвива, додека набљудувачите на ЦРТА пријавија неправилности и неколку инциденти на дел од избирачките места. За следење на изборите се акредитирани повеќе од 16.000 домашни и странски набљудувачи.

Доколку трендот од досегашниот дел од денот продолжи, конечната излезност ќе биде значително повисока од онаа на парламентарните избори во 2023 година. Избирачките места се затвораат во 20 часот, а првите проценки за изборниот резултат се очекуваат по завршувањето на гласањето.

Со излезноста растат и тензиите

Паралелно со високата излезност, во Србија растат и тензиите. Невладините набљудувачи на организацијага ЦРТА соопштија дека во текот на денот се забележани голем број неправилности, но и сè повеќе насилни инциденти надвор од избирачките места. Набљудувачите регистрирале притисоци врз избирачи, членови на избирачките одбори и набљудувачи на 29 отсто од избирачките места од нивниот примерок, додека неправилности поврзани со интегритетот на гласањето биле забележани на 17 отсто. ЦРТА ги повика политичките актери и граѓаните да придонесат за намалување на тензиите и да се воздржат од насилство.

Во текот на денот беа регистрирани и физички инциденти. Пред избирачко место во Панчево се судриле две групи, при што е повредено едно лице и интервенирала полицијата, а во Севојно маж удрил жена која чекала да гласа. Во Земун била заплашувана набљудувачка на ЦРТА, додека РИК соопшти и за инцидент во геронтолошки центар во Младеновац, каде непознати лица наводно се претставувале како набљудувачи и вршеле недозволен притисок врз корисниците.

Тензиите дополнително ги зголеми и нападот врз Ангелина Вучиќ (82), мајката на Александар Вучиќ, во близина на пазарот Калениќ во Белград, откако таа претходно гласала. Според СНС, група помлади мажи ја туркала, ѝ викала и ѝ ги искинала кесите со намирници, а партијата ги означи напаѓачите како „блокадери”. Во меѓувреме, по налог на Првото основно јавно обвинителство во Белград е уапсен 28-годишниот М.Н. и му е одредено задржување до 48 часа под сомнение за разбојништво. Засега нема потврда од обвинителството дека нападот бил политички мотивиран, ниту дека осомничениот е поврзан со студентското протестно движење.

Поврзани содржини