ДО 10 ЧАСОТ НА ИЗБОРИТЕ ВО СРБИЈА ИЗЛЕГЛЕ 19,8% ОД ГЛАСАЧИТЕ За 10% повеќе во споредба со изборите од 2023 година

РИК соопшти дека избирачките места главно биле отворени навреме, во 7 часот, но дека на одредени локации имало помали доцнења поради големиот интерес на гласачите.

54

Заклучно со 10:00 часот излезноста на гласачите на вонредните парламентарни избори во Србија изнесувала 19,8 отсто, соопшти набљудувачката мисија „Црта“.

Во истиот период за време на претходните парламентарни избори во 2023 година, излезноста изнесувала 9,8 отсто.






Според мисијата, избирачките места низ Србија се отвориле главно навреме, при што пред нив се создале забележливи редици.

– На 16 отсто од избирачките места, отворањето доцнело повеќе од 10 минути. На четири отсто од избирачките места, набљудувачите пријавиле несоодветна подготовка на просториите, што довело до расправии меѓу членовите на избирачките одбори и доцнење при отворањето – наведоа од „Црта“.

Исто така, тие забележаа дека на сите избирачки места, вреќите со изборен материјал „биле соодветно запечатени со безбедносни пломби“.

Дел од центарот на Белград е затворен за сообраќај, а трасите на јавниот превоз се изменети во близина на седиштето на Републичката изборна комисија (РИК), а забележано е и засилено полициско присуство.

Претседателот на РИК Владимир Димитријевиќ соопшти дека избирачките места во Србија главно биле отворени навреме, во 7 часот, но дека на о дредени локации имало помали доцнења поради големиот интерес на гласачите и подготовките на избирачките одбори.

– Затоа би ги замолил гласачите и членовите на избирачките одбори за малку разбирање и трпение – изјави Димитријевиќ на првата редовна прес-конференција на РИК.

Тој ги повика членовите на избирачките одбори да одржуваат ред во текот на целиот изборен ден и да постапуваат согласно законските прописи и упатствата на Комисијата.

Гласачите од Косово ќе гласаат на 60 избирачки места во Рашка, Тутин, Врање и Куршумлија.

Локалната телевизија ТВ Мост објави дека голем број српски гласачи во раните утрински часови тргнале кон централна Србија, откако властите во Приштина не дозволиле гласање на таа територија.

Според телевизијата, Србите од Лепосавиќ, Звечани, северниот дел на Косовска Митровица, Зубин Поток, но и од српските области јужно од Ибар, Грачаница, Штрпце и регионот на Косовско Поморавје тргнале со автобуси и со приватни возила кон гласаачките места во Рашка, Тутин, Врање и Куршумлија.

На денешните вонредни парламентарни избори во Србија право на глас имаат 6.451.292 гласачи. Изборите се одржуваат на 8.392 избирачки места – вклучувајќи 29 во казнено-поправни установи и 93 во странство, во 37 држави, каде што има 102.147 гласачи. Гласачките ливчиња се испечатени на 29 јазици.

Поврзани содржини